Македонија
7. јуни 2020 - 16:52

Патарините ќе работат со полн капацитет за да се спречи метеж по завршувањето на викенд карантинот

Скопје од утре повторно ќе биде отворен град, завршува карантинот се враќаат граѓаните кои избегаа надвор од него. Само во четвртокот попладне повеќе од 20 000 возила заминале од главниот град. Најдолгите колони возила беа на патарината Желино, во правец кон Тетово. Околу 8000 автомобили поминале оттука. Кон Куманово се упатиле  7000 возила. Метеж на патарините се очекува и утре по 5 часот изутрина. Директорот на Македонски патишта  најави дека сите варијабилни наплатни рампи ќе бидат во функција за наплата на возилата кои ќе се враќаат во Скопје. 

Околу 19 000 возачи имаат електронски картички за плаќање и тагови кои можат да ги користат само на патарините на Коридорот 10 па таму вели директорот не очекува поголем застој. За помалку да чекаат граѓаните, ги советува да ги следат камерите кои ја прикажуваат сликата од наплатните рампи во реално време. 

Утре нема да се враќаат  само оние кои избегаа од карантин, ќе се упатат и голем број граѓани од внатрешноста кои работат во главниот град. Се отвора прашањето дали сите тие, ќе можат навреме да се појават на работните места. 

Инаку, до сега најголем број возила на патарините поминале за продолжениот викенд за ланскиот 2 август, но рекордот е срушен со овој викенд карантин.