Македонија
28. April 2025 - 13:18

Палевски негира насилни кривични дела, според него процесот е политички прогон

На денешното рочиште за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски во Кривичниот суд во Скопје, обвинетиот Љупчо Палевски одговараше на вкрстени прашања од Јавното обвинителство. Палевски во своето сведочење обвини за политички мотивирано гонење, притоа негирајќи дека има каква било поврзаност со насилни кривични дела.

Јавното обвинителство на почетокот ја образложи казнената евиденција на Палевски која вклучува повеќекратни условни осуди од 2007 година наваму како за злоупотреба на службена положба (8 месеци условна казна), кршење на епидемиолошки мерки (2020), како и постапка за оддавање службена тајна. Обвинителството оцени дека тој континуирано постапува противзаконски и не ги почитува законите.

-Му благодарам на Јавното обвинителство што го постави ова прашање. Ниту еднаш не се спомна какво било кривично дело врзано со насилство, грабнување и убивање луѓе, рече Палевски, додавајќи дека неговите пресуди се за „условни казни за неплатени фактури на правен субјект“ и дека „единствената ефективна казна ја одлежал во Белград како дел од екстрадициониот притвор“.

Тој тврдеше дека е мета на систематско прислушкување од страна на поранешната УБК (сега АНБ) и дека процесот за оддавање службена тајна е последица на тоа што, како што рече: „Во белешките што ги објавив стои дека сум следен, сликан и прислушкуван, а таму пишува и дека сум организирал атентат врз Зоран Заев“.

-Направив прес-конференција, го повикав Јавното обвинителство да ме повика и да ме испита, затоа што во службените белешки беше напишано дека сум организирал атентат на Зоран Заев. Тоа е напишано во документи на тогашната УБК и тоа беше причина јас да одговарам пред Судот за оддавање службена тајна. А јас немам никаква обврска околу службени тајни, затоа што не работам во безбедносна институција, рече Палевски.

На прашањето дали сите осуди и во Хрватска се резултат на политички прогон, Палевски одговори: „Не. Во Хрватска не беше политички прогон. Тоа беа условни пресуди за фактури вредни вкупно 4.000 евра. Штетата е надоместена“.

Во врска со неговото заминување во Белград на 30 ноември 2023 година, Палевски рече дека причината била здравствена состојба.

-Понесов медицинска документација, два ЦД-а со магнетна резонанца, а во Белград требаше да добијам второ стручно мислење. Тоа беше мојата цел, рече тој.

За екстрадицијата од Турција, тврди дека целата постапка била регуларна, освен што бил сликан од инспектор од Интерпол.

-Еден од инспекторите во Интерпол ме изнесе во ходник, ме сликаше и пред мене на „What's up” ме испрати на министерот Оливер Спасовски. Потоа, мојот адвокат од Турција ми испрати испечатени наслови од медиумите каде ја видов сликата во Македонија. Тоа се класични ваши злоупотреби и на предистражната и на самата истрага, каде ги сликате осомничените и ги праќате по медиуми како службени лица овластени за законска истрага и немало ниту бегање, ниту сум променил град на престој од сознанието дека сум осомничен, рече Палевски.

Според Палевски, целиот процес е „конструиран политички прогон“, а неговиот адвокат Јовица Страшевски, забележа дека прашањата на Обвинителството „не се релевантни за предметот, туку служат само за создавање слика во јавноста“.

Судењето продолжува со вкрстени прашања од Обвинителството во врска со податоците од неговиот мобилен уред возилото Рено Кангу.

Палевски е последниот сведок кој треба да сведочи, откако претходно, покрај сведоците на Обвинителството, беше сослушан таткото Александар Ѓорчевски, како и останатите обвинети. Обвинетиот Велибор Манев ги образложи грабнувањата и убиствата на Вања и Панче, посочувајќи дека главен организатор бил Љупчо Палевски. Боре Видевски го негираше своето учество во настаните, додека Влатко Кешишев посочи дека тој не сведочел на истите, бидејќи најчесто му била давана задача да чува стража.  

Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.