За 100 евра месечно поскапе сместувањето во државни старечки домови
За 100 евра месечно поскапе сместувањате во државните старечки домови. Услугата за нега и исхрана на стари и болни лица во геријатриските центри низ државата од овој месец е зголемена за 190 денари дневно. Ако до сега сместувањето чинело 670 денари на ден, од овој месец се плаќа 860 денари или за 30 дена, сместувањето од 20.100 скокна на 25.800 денари.
На што се должи зголемувањето на цената, одговор надлежните најавија за утре.
Но во дописот кој им бил испратен на лицата кои имаат сместено членови во одделите на Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина, 13 Ноември стои - Утврдената цена е резултат на порастот на трошоците за живот и направените анализи за зголемените трошоци за живот, особено цената на храната, комуналните услуги, струја, вода, екстра лесно гориво за затоплување за потребите на сопствено парно греење и друго.
Цената за здравствени услуги не е променета и согласно одлуката на Фондот за здравство изнесува 10 денари од ден.
Зголемување на цената имаше и лани во јули, кога сместувањето поскапе за 60 денари од ден, поради истите причини, односно зголемените трошоци за живот и во јануари 2021 та , кога дневната услуга порасна за 40 денари.
Инаку објектите во Ѓорче и хосписот во Битола се единствените државни за оваа намена. Сместување таму со месеци чекаат над 100 лица, но листата постојано се зголемува, бидејќи има 24 часовна здравствена нега и грижа.
За разлика од државните, во приватните домови за стари лица цената месечно се движи од 700 до 1.200 евра.
-
Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар