Наставниците стравуваат дека ќе останат без работа со новиот закон за основно образование
Измените во новиот закон за основно образование ги налутија наставниците. Веќе се мобилизираат со петиции во основните училишта, бидејќи стравуваат дека ќе останат без работа. Велат дека со новиот закон, наставничките кои дипломирале на Филозофскиот факултет со смер – педагог, ќе немаат право да водат одделенска настава во четврто и петто одделение како досега, туку ќе може да предаваат на деца само од прво до трето одделение.
Ги прашавме во МОН за дилемата на наставниците, од каде појаснуваат дека педагозите кои се вработени на неопределено имаат сигурни работни места – ќе може да продолжат да предаваат од прво до петто. Проблемот останува за педагозите на определено.
„Педагозите пак кои се вработени на определено работно време, ќе можат да работат во продолжен престој и во одделенска настава од прво до трето одделение, само доколку на оглас за одделенски наставник не се пријави соодветен кандидат“, велат од МОН за Сител ТВ.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар