Македонија
24. October 2019 - 15:32

Отворен Архус Центар – наоѓање и споделување информации за животната средина

Првиот Архус Центар од денеска работи во земјава. Целта е да ја подигне свеста преку ширење информации за животна средина помеѓу општата јавност како и да го следи спроведувањето на Конвенцијата од страна на државните органи.

Архус Центарот (АЦ) во земјата  го воспоставува Милиеуконтакт Македонија како дел од проектот “Градење на капацитетите на граѓанските организации за животна средина за зголемување на демократските процеси во Македонија”, финансиран од ЕУ од мерката за хоризонтално зајакнување на капацитети.

Маја Марковска, извршен директор на Милиеуконтакт Македонија истакна дека работата на Архус Центарот ќе биде заснована врз Конвенцијата на Економската Комисија на ОН за Европа (UNECE) околу пристапот до информации, учеството на јавноста во одлучувањето и пристапот до правда за прашања поврзани со животната средина (Архуска Конвенција) од 1998 година. Предвидено е Центарот да работи на сите три столбови и да помогне да се зголемат капацитетите на локалните чинители како на централно, така и на локално ниво.

– Инаку, мрежата на здруженија на граѓани со кои работи Милиеуконтакт на овој проект брои 26 членки и тоа се локални организации, мали, нови организации што работат на теми од животната средина и помагаат во своите заедници. И нашата цел и нашите активности се базирани генерално на работа со локалните заедници и работа со локални здруженија на граѓани и градење на нивните капацитети и се надеваме дека на тој начин ќе ги поттикнеме и промените што треба да се случуваат од долу па нагоре, односно од локално кон национално ниво.

Таа рече дека државните институции ги имаат сите алатки, закони и подзаконски акти за ефективно да се борат со загадувањето и со другите предизвици што ги имаме од областа на животна средина.

– Еден од трите столба на Архуската конвенција е пристапот до информации што се од областа на животната средина и идејата е Архус центарот да може на едно место да ги генерира, да ги наоѓа и да ги споделува сите информации што се важни и за граѓаните и за здруженијата на граѓани кои работат на оваа проблематика, а и нормално и за другите на кои им требаат сите информации што се поврзани со животната средина, рече таа.

На новинарско прашање, Марковска истакна дека за загадувањето се размислува 365 дена во годината, не кога ќе почне загадувањето.

– Мислам дека институциите треба малку побрзо да ги спроведуваат сите планови што ги имаат зацртано за да можеме да видиме бенефит и на крајот на денот целата држава треба малку да поработи на однесувањето на живеењето и на трошењето особено на користењето  амбалажа, користење разни горив. Генерално државата и Владата не можат да ни го решат загадувањето затоа што загадувањето потекнува од луѓето, односно секој поединец мора да се грижи за себе и мора да е одговорен за своите постапки, рече Марковска.