Македонија
25. јуни 2024 - 16:40

Клиниките во Скопје и Штип ќе ги лечиме на арбитража во Париз

Бехтел и Енка не ги градат коридорите според утврдената динамика, утврдил Државниот завод за ревизија во анализата на реализацијата на капиталните инвестиции. Според ревизијата, само 0,12% од оние 235 милиони евра кои му ги плативме на конзорциумот биле потрошени за реални градежни активности. 

За ревизорите, проблематична е и изградбата на автопатот Кичево – Охрид кој барем на хартија се гради 10 години. За него, до сега сме потрошиле над 460 милиони евра. Иако последниот рок во кој требаше да биде изграден истече на крајот на минатата година, крајот на градежните работи не е ниту на повидок. 

Ревизија утврдила и дека за изградба автопатот од Скопје до Косово која се уште не е почнатата трошоците скокнале од 112 на 195 милиони евра. Ако се има предвид дека станува збор за делница од нешто повеќе од 10 километри големи се шансите од косовската граница до Скопје да возиме по еден од најскапите автопати во светот. 

Но за да возиме патиштата прво треба да бидат направени. Имајќи го предвид македонското искуство, во овој момент, сите патишта во градба водат само до една дестинација, а тоа е арбитражниот суд во Париз. 
А таму веќе не чекаат над 23 милиони евра пенали за раскинувањето на Договорот за изградбата на клиничкиот центар во Скопје, а од почетокот на оваа година и нова тужба тешка уште 22 милиони евра за раскинување на Договорот за изградба на болницата во Штип.

Новиот министер за здравство не е загрижен. Тврди дека неговиот најблизок соработик кој го раскина договорот додека беше министер во Владата на СДСМ имал аргументи за тоа

Држвниот завод за ревизија прочешлал 24 проекти вредни нешто под 4 милијарди евра. За 19 од нив, државата веќе случила договори со кои се обврзала да плати 2,7 милијарди евра, додека за 5 проекти сме трошеле пари за подготовки но договори за градба се уште нема. Но и оние кои сме ги договориле не ги реализираме.

„Од 19 проекти за кои се склучени договори, за 6 има застој. За 4 проекти раскинати се договорите, од кои за 3 има меѓународна арбитража и побарување за штета во вкупен износ од 45,5 милиони евра, и за 2 проекта постои неизвесност поради изминат рок на градба, а не се склучени нови анекси кон постојните договори за градба“, стои во извештајот на Државниот завод за ревизија.