Македонија
24. December 2024 - 11:26

Отстранети неколку диви депонии во Чаир, Карпош, Ѓорче Петров и Аеродром

Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје во текот на вчерашниот ден и минатата ноќ реализирале активности за расчистување на неколку обемни диви депонии во скопските општини Чаир, Карпош, Ѓорче Петров и Аеродром.

Како што информира „Комунална хигиена“ - Скопје, отстранета е обемна дива депонија лоцирана на улицата „Џон Кенеди“, во непосредна близина на ООУ „Васил Главинов“ каде се подигнати приближно 20 кубни метри претежно мешан комунален отпад одложен на јавна површина.

Екипите интервенирале и во населбата Трнодол во Општината Карпош, каде што се расчистени 10 кубни метри непрописно одложен мешан комунален и отпад од картонски пакувања, како и на булеварот „Партизански одреди“, во близина на Поштата во Општината Ѓорче Петров, каде е отстранет кабаст отпад и неколку автомобилски гуми одложени на тревна површина.

ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје реализирала активности и на улиците „Коста Новаковиќ“ и „Анастас Митрев“ во скопската општина Аеродром, каде се подигнати вкупно 20 кубни метри непрописно одложен кабаст и градежен отпад.