Македонија
25. December 2024 - 16:43

Неетичко и нечовечно е поскапувањето на основните производи, кажа Мицкоски

Основните производи кои не се дел од новогодишната кошница драстично поскапеа, кажа министерот за економија. Маслото, јајцата, дел од млечните производи, шеќерот, кафето се продаваат по нови, повисоки цени. Затоа пазарните инспектори од утринава прават вонредни контроли во маркетите и ќе ги проверуваат цените во последните три месеца. Анализите ќе завршат за два дена, а Дурмиши ги повика трговците итно да си го преиспитаат однесувањето и да ги поевтинат производите. Ако не го направат тоа, можно е да има намалување на цените за 10% од оние што ги имале летово.

„Ќе чекаме државен пазарен инспекторат да ја изврши вонредната контрола и ќе не извести. Ќе донесеме мерка која ќе мора да ја почитуваат оти кога ќе се донесе мерка со одлука на Влада, ќе има законска обврска пазарниот инспекторат да пишува казни. Да се земе предвид цената од 15 јули, да речеме, и од таа цена 10% да оди намалувањето на цената на тие производи кои ќе бидат ставени во таа мерка, како опција“ – Бесар Дурмиши, министер за економија и труд

Построги мерки најави и премиерот, но не прецизираше што точно ќе се преземе. Кажа дека дел од дел од супермаркетите се служат со трикови и вети дека никогаш повеќе нема да се повторат.

„На одредени продукти и до 20, 25 проценти се зголемени цените. Тоа е неетичко однесување и би рекол нечовечно однесување. Уште денеска ќе има реакција од институциите. Доколку вака продолжат таа реакција ќе биде уште поробусна во периодот којшто следи. И да знаат дека вакви трикови никогаш повеќе нема да поминат“ – Христијан Мицкоски, премиер 

Лидерот на СДСМ, пак, вели дека Мицкоски со недели им им дозволил на трговците да ги качуваат цените и да печалат на маката на луѓето.

„Мицкоски лично рече дека со апели и без казни ќе ги убедуваат трговците да го почитуват договореното. Доцна е сега премиерот да ја префрла вината за овој дебакл и овој грабеж на големите трговци и да глуми загрижен политичар. На оваа тема повеќе никој не му верува“ – Венко Филипче, лидер на СДСМ

Мерката стапи во сила на 15 декември и ќе трае до 15 јануари.