Македонија
18. September 2021 - 18:27

Осумдневен притвор за петмината приведени за нападите врз полицајците во тетовска Мала Речица

Судија во претходна постапка на Основен суд Тетово денеска им определи мерка притвор во траење од осум дена на петмината приведени кои по вчерашниот протест во Тетово во Мала Речица физички нападнале полициски службеници, информираат од СВР Тетово.

– По одредување на мерката притвор петмината се однесени во КПУ Затвор Скопје, соопшти порпатолот Марјан Јосифоски.

Вчера по завршување на протестот, полициски службеници од СВР Тетово ги лишија од слобода Б.А.(31) од с.Туин, кичевско, Н.Б.(52) од с.Мала Речица, тетовско и Џ.С.(33) од с.Вешала, тетовско, а денеска и В.А.(33) и А.Ш.(30), двајцата од Тетово.

Тие беа приведени затоа што се однесувале агресивно и физички нападнале полициски службеници кои извршувале службени дејствија за време на протестот вчера во Тетово и потоа во Мала Речица кога група млади лица се обидоа насилно да поминат преку полициски кордон за да стигнат до седиштето на политичката партија ДУИ.

На протестот во Тетово група граѓани побараа одговорност за 14-те лица кои ги загубија животите при пожарот во модуларната болница на 8 септември.