Свет
19. December 2017 - 22:19

Остри критики на Ле Дриан до Трамп

За време на својата прва официјална посета на Вашингтон, Жан-Ив Ле Дриан, француски министер за надворешни работи, излезе со остра критика до американскиот претседател Доналд Трамп.  

- Трамп свесно води политика на повлекување на САД од своите меѓународни обврски и ја води земјата во изолација, изјави тој по средбите со државниот секретар Рекс Тилерсон, советникот на Трамп, Џаред Кушнер и некои конгресмени од републиканците и демократите.

Ле Дриан алудираше на отфрлањето на Парискиот договор за контрола на климатските промени од страна на Вашингтон, непризнавањето на нуклеарниот договор со Иран и негирање од страна на Трамп на меѓународниот консензус за непризнавање на Ерусалем за престолнина на Израел, се додека статусот на градот не е разрешен од страна на Израел и Палестина.

Трамп на 7 декември соопшти дека го признава Ерусалим за престолнина на Израел и дека САД се подготвуваат да ја преселат  својата амбасада од Тел Авив во Ерусалим.

Советот за безбедност на Обединетите Нации вчера гласаше да ја оспори таа одлука, но неуспешно, затоа што САД, како постојана членка на Советот во кој членуваат 15 земји, го искористи своето право на вето. 

- Со таа одлука Трамп му дава право на Иран да го контролира проблемот со Палестина, изјави Ле Дриан.