Свет
24. јуни 2024 - 11:07

САД, Јапонија и Јужна Кореја со силна осуда на продлабочената воена соработка помеѓу Пјонгјанг и Москва

САД, Јапонија и Јужна Кореја во заедничка изјава ја осудија продлабочената воена соработка помеѓу Северна Кореја и Русија.

Во изјавата се истакнува дека продлабочената воена соработка меѓу Северна Кореја го „продолжува страдањето на украинскиот народ, крши повеќе резолуции на Советот за безбедност на ОН и ја загрозува стабилноста како на североисточна Азија така и на Европа“.

– Напредокот на партнерството помеѓу Северна Кореја и Русија, а по потпишувањето на Договорот за сеопфатно стратешко партнерство за време на посетата на рускиот лидер Владимир Путин на Пјонгјанг на 19 јуни, треба сериозно да ги загрижи сите кои имаат интерес за одржување на мирот и стабилноста на Корејскиот Полуостров, зачувување на глобалниот режим на неширење и поддршка на народот на Украина во одбраната на својата слобода и независност од бруталната агресија на Русија, се наведува во заедничката изјава.

САД, Јужна Кореја и Јапонија ја потврдуваат својата намера за зајакнување на дипломатската и безбедносната соработка за спротивставување на заканите што Северна Кореја ги претставува по регионалната и глобалната безбедност и спречување на ескалација на ситуацијата.

– Обврските на САД за одбрана на Јужна Кореја и Јапонија остануваат нераскинливи. САД, Јужна Кореја и Јапонија исто така потврдуваат дека патот за дијалог останува отворен и ја повикуваат Северна Кореја да престане со натамошните провокации и да се врати на преговорите, се вели во изјавата.