Осомничените за измама при купување парцели за изградба на фотонапонски волтаици на распит во Кривичен
Во Основниот кривичен суд во Скопје трае распитот пред судија на претходна постапка по барањето од Обвинителството за определување на мерка притвор за шестмина од седуммината осомничени за измама во службата при купување парцели со намена за изградба на фотонапонски волтаици.
Основното јавно обвинителство Скопје денеска соопшти дека донеле наредба за спроведување истражна постапка против седум лица, од кои за двајца постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело „измама во службата“ од член 355 став 4 во врска со став 3 во врска со став 1 и во врска со член 22 од Кривичниот законик, додека останатите се осомничени за „помагање при извршување на кривичното дело“.
Како што информираат од Јавното обвинителство, во текот на 2021 година, првоосомничениот и второосомничениот, во својство на управители – одговорни лица во правно лице, заеднички, со намера за друг да прибават противправна имотна корист, ги довеле во заблуда членовите на Управниот одбор на оштетено правно лице, а потоа и овластеното лице во правното лице да извршат незаконита исплата.
– Во постапка за купување на недвижен имот – земјиште со намена за изградба на фотонапонски волтаици, двајцата осомничени не ги почитувале и ги заобиколиле интерните постапки и не ги извршиле неопходните претходни проверки кои што биле должни да ги извршат. Притоа намерно исклучиле дел од вработените лица кои поради нивната стручност било задолжително да бидат вклучени во постапката, а на дел од вработените им дале директни наредби и насоки за изготвување на cost benefit анализи за исплатливоста на инвестицијата, вметнувајќи невистинити податоци и прикривајќи ја реалната состојба. Врз основа на лажните податоци од анализите за исплатливост, изготвени по наредба на двајцата осомничени, купопродажбата била оценета како погодна, па на 15.09.2021 година надзорниот одбор на правното лице донел одлука – Одобрение за купување на недвижниот имот, соопштија од ЈО.
Со таквите дејствија, како што посочуваат, првоосомничениот и второосомничениот влијаеле да бидат одобрени изготвените невистинити анализи од страна на доминатниот акционер во компанијата и да се реализира инвестицијата за купување на недвижен имот – вкупно 48 катастарски парцели во КО Делчево, КО Ветрен, КО Габрово и КО Берово од кои биле 29 во сопственост на останатите осомничени.
Според Јавното обвинителство, осомничените првично ги стекнале парцелите со формални договори за дар, кои во суштина се договори за купопродажба бидејќи за трансакцијата им биле исплаќани парични средства. Со тоа незаконски била избегната обврската за достава на писмена понуда или објава на јавен оглас за земјиштето.
– Дел од наведените катастарски парцели не ги исполнувале критериумите за пренамена од земјоделско во градежно земјиште согласно Законот за урбанизација, дел од катастарските парцели не исполниле услов согласно објавените критериуми предвидени во јавниот објавен оглас за доделување на право на користење премии за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали објавен од страна на Министерството за економија, иако согласно одлуките на Надзорниот одбор и Управниот одбор на правното лице парцелите биле купувани токму со таа намена. Купопродажбата се реализирала со склучување на купопродажни договори помеѓу правното лице од една страна во својство на купувач и четвртоосомничениот, петоосомничениот, шестооосмничената и седмоосомничениот од друга страна во својство на продавачи. Третоосомничениот, пак, бил во постојан контакт со осомничените и помагал околу лоцирање на недвижностите, велат од ЈО.
Оттаму посочуваат дека правното лице, врз основа на склучените договори, за недвижност – земјоделско земјиште од 5, 6, 7 и 8 класа, со вкупна проценета пазарна вредност од 2.146.723 денари, на продавачите им исплатило парични средства во вкупен износ од 99.431.060 денари. Разликата помеѓу исплатената сума и реалната вредност на парцелите изнесува околу 97.284.337 денари и претставува значителна имотна корист што ја оствариле осомничените.
– Оценувајќи дека постои опасност за влијание врз сведоци, вештаци, соучесници и прикривачи, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за шестмина осомничени, додека за една осомничена се предложени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на местото на живеење, обврска на осомниченaтa да се јавува повремено на определено службено лице, привремено одземање на патна исправа за преминување на државна граница односно забрана за нејзино издавање и забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со одредени лица, соопштија од Јавното обвинителство.
Ново на Сител
-
19-годишен возач прегази малолетен пешак во тетовско
-
Таткото и мајката на детето кое изврши убиства во ОУ „Владислав Рибникар“ осудени на 14,5 и на три години затвор
-
Пад на индустриското производство
-
Таравари го оцени јавниот здравствен систем со осумка, вели се дава максимум и се добиваат квалитетни услуги
-
Од успехот на Новогодишната кошница ќе зависат Велигденската и Рамазанската кошница
-
Просечната камата на кредитите на годишно ниво во ноември е 5,36%, а на депозитите 2,12%
-
ДПИ ќе провери дали е постапено по заклучоците за случајот со приредбата во училиштето во Челопек, најави Јаневска
-
Осум лица осомничени за злоупотреби при јавна набавка во Дирекцијата за ТИРЗ