Стојанче Јовановски осуден на максимални 12 години затвор
12 години затвор доби Стојанче Јовановски, за тепањето на неговата сопруга, загрозување на нејзината сигурност и наведување на самоубиство. Судијата Ивица Стефановски му ги пресуди максималните казни за сите три кривични дела. Иако тие изнесуваат 13 години, според законските регулативи збирот на сите казни мора да е помал од поединечната казна, па затоа му беа пресудени максимални 12 години.
Обвинителството е задоволно од пресудата за Јовановски, но смета дека треба да се размисли за построги санкции во Кривичниот законик, бидејќи и за телесна повреда и за наведување на самоубиство максималната казна е пет години, а во едното кривично дело има смртни последици.
Ова е прва пресуда во Македонија за наведување на самоубиство поради семејно насилство, која треба да испрати силна порака во општество, вели адвокатката на семејството на починатата Ивана. Иако нема да ги врати Ивана и Катја, правдата ќе биде задоволена за семејството.
Ивана Јовановска скокна од шестиот спрат заедно со нејзината шестгодишна ќерка, откако со години трпела тепање и психичко насилство од нејзиниот сега осуден сопруг. Навреди, уцени, закани по нејзиниот живот, како и дека ќе и биде одземена ќерката од Јовановски, ја довеле до безизлезна ситуација која според обвинителството и вештаците ја навеле таа да посегне по нејзиниот живот заедно со нивното дете на втори март годинава.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
