Македонија
14. April 2025 - 16:42

Осомничениот Дритон Куќи се врати во Македонија, истрагата за пожарот во Кочани продолжува

Актуелниот амбасадор во Норвешка Дритон Куќи се врати во Македонија. Во својство на екс министер за економија е осомничен за пожарот во Кочани, а обвинителствто и за него бара мерки за обезбедување.
Основното јавно обвинителство Кочани денеска до Основниот суд во Кочани достави предлог за определување мерки за претпазливост за последниот 19-ти осомничен за кого беше проширена истрагата за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, информираат од ЈОРМ.  

Од вчера во притвор е и ексдиректорот на Дирекцијата за заштита и спасување и актуелен министер без ресор, Шабан Салиу, додека поранешните министри за економија Ваљон Сарачини и Беким Незири завршија во домашен притвор. Кочанскиот суд ги прифати сите мерки за новата група од 18 осомничени со кои викендов се прошири истрагата. Како што појасни обвинителот Коцевски, осомничени се сите министри за економија од 2014-та до денес, освен актуелниот Бесар Дурмиши бидејќи во текот на неговиот мандат, сопствениот на дискотеката не побарал нова лиценца за работа.

Министерот Тошковски вели истрагата е отворена и за нови осомничени за кои ќе се обезбедат докази дека на било каков начин имаат вина за пожарот.

Со истрагата на ОЈО Кочани досега се опфатени 47 лица и три фирми. Во посебна истрага на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција осомничени се и 7 полициски службеници.