Основен суд Куманово и Основно јавно обвинителство – со подобри услови до поголема ажурност
Кумановскиот суд ги врати долговите, ги средува предметите и инвестира во објектот. Надлежните велат дека со подобрувањето на условите за работа се зголемила и ефикасноста на судот. Првпат во 2018 година по подолг период, Врховниот суд и Судскиот совет го оцениле како ажурен. И во првите два квартала судиите го совладуваат приливот на нови и решаваат остаток од претходни предмети.
– Тоа ни е многу важно, долг временски период не се случило. Оваа пригода ќе ја искористам да им се заблагодарам на колегите кои работат активно во сите аспекти, вложија максимални напори, решаваа стари и на тој начин дојдовме тука. Имаме повеќе решени отколку примени случаи, вели во изјавата за МИА претседателката на судот Снежана Манев.
Судот скоро по две децении ги смени компјутерите стари од 2000 година, инвестираше во зградата, во мебелот, опремата. Сменети се прозорците што беа стари речиси шест децении, реконструирани се тоалетите, внатрешните врати. Системот за тонско снимање функционира во сите сали, недостига уште еден за чија набавка се преговара со Министерството за правда.
– Наидовме на големо разбирање од страна на судскиот буџетски совет, кои сфатија дека Основен суд Куманово треба да го добие местото што го заслужува во судството во Македонија, како трет од основните судови со проширена надлежност во државата. Мислам дека успеавме со нивна помош ни доделија капитални расходи пет милиони денари, вели Манев.
Во меѓувреме, покрај капиталните инвестиции, судот инвестираше во 40 нови компјутери и во клими.
– Важно од минатата година е тоа што вративме огромен долг, нашата сметка повеќе не е блокирана. Иавме долг од 2016 година, бевме блокирани од тројца извршители и долгот заедно со трошоците, главниот долг, каматите изнесуваше над 13 милиони денари. Судскиот буџетски совет во неколку наврати ни одвои средства и ние сè исплативме. Сега можам да кажам дека нема никаков долг, судот функционира беспрекорно, не доцниме со плаќање ниту на адвокати, службена должност, вештачења, преведувачи, поротници, истакнува претседателката на кумановскиот суд.
Оваа година првпат судот набави и службено возило, со средства добиени од судскиот буџетски совет, а на располагање има средства од милион и пол денари за набавка на компјутерска техника и милион денари за мебел. Завршен е и тендерот за нова метал-детектор врата.
И кумановското обвинителство го решава долготрајниот проблем со немање простор, сместено во еден дел од судот, пренатрупано е со хартија, едвај има простор да се помине. Во моментов се проширува на едниот кат од зградата на судот и на последниот од зградата непосредно до судот каде што е сместено кумановско Водостопанство. Со новото решение, основната јавна обвинителка Теута Бедиу Рамадани очекува да се подобрат условите за работа на ова обвинителство.
– По оваа одлука и договорот со судот, тој дел од зградата што во иднина ќе биде наш, успеав да го ставам во проект на ИПА-фондовите, кои пак беа заинтересирани да вложат поголема сума за реновирање на обвинителствата. Имавме кратко време, бидејќи тој дел од проектот требаше да биде одобрен во Италија, од Министерството за транспорт и врски и други инволвирани институции. Во проектот влезе целиот кат, реновирање на холот, покривот, до Водостопанство, ставивме и лифт во проектот што ќе го користат и странките со инвалидитет, изјави Бедиу Рамадани.
По барање на обвинителството во проектот влезе и промената на судското приемно одделение, со што ќе се овозможи и директен пристап во влезот на лифтот и се исполнуваат стандардите на институцијата за непречен влез на лицата со телесна попреченост.
– Предвидено е да има истражни центри во секое обвинителство со проширена надлежност, така што кумановското основно обвинителство влезе меѓу првите обвинителства каде што ќе се формира ваков центар, најави обвинителката.
Кумановското обвинителство е со проширена и под негова надлежност се два гранични премини, Деве Баир и Табановце, кој, пак, е најфреквентен граничен премин. Од обвинителството велат дека секоја недела имаат по еден итен предмет.
Таа информира дека добиле донација од ИПА-проект, компјутери, скенери, печатачи. Преку проектот ќе се реновира покривот и ќе добијат нов мебел.
– И од членовите на јавнообвинителскиот совет слушам дека за година и пол или две е вратена и довербата кај граѓаните. Тие ја проценуваат по намалувањето на бројот на претставките во советот и тоа на некој начин е заслуга и очекувам дека во идниина ќе се прошири и буџетот, бидејќи имавме проблеми во 2019 година беше скратен буџетот на јавното обвинителство за водење истраги за целосниот буџет, сега очекуваме многу поголем, вели обвинителката.
Од обвинителството планираат во иднина со правобранителот да се прошират и во делот на Водостопанство, што ќе овозможи да се зголеми бројот на обвинители, стручни соработници, преведувачи, ќе се обезбеди простор за истражниот центар. Кумановското обвинителство во соработка со надлежните институции ќе го побара и тој дел од зградата на Водостопанство.
– Тоа ќе биде навистина добро и за судот затоа што и правобвинителството ќе се сели од зградата каде што држат три простории, вели Бедиу Рамадани.
Ново на Сител
-
Нетанјаху ќе биде опериран во подземна сала поради опасност од ракетен истрел
-
Пронајдени десет мигранти во две товарни возила на граничниот премин Богородица
-
Постапка против десет лица за кривични дела поврзани со криумчарење возила
-
Во Јужна Кореја прогласена седумдневна жалост поради авионската несреќа
-
Коцевски: Од страна на Јавното обвинителство не протекуваат информации
-
Трент не го известил Ливерпул дека ќе премине во Реал
-
Почина Јагнула Куновска, македонска политичарка и адвокатка
-
Извршени десет претреси во Скопје, Неготино, Дојран и Битола во акцијата поврзана со криумчарење луксузни возила