Македонија
29. December 2024 - 16:48

Шверцувале скапи автомобили од ЕУ и ги продавале во земјата - Кривична постапка против 10 лица за кримучарење возила

Со кривична постапка против 10 лица заврши утринската акција на МВР и Обвинителството кои беа во потрага по шверцери на луксузни автомобили. Криумчареле скапи моторни возила  од европски земји и ги продавале на македонски граѓани притоа избегнувајќи ги задолжителните законски процедури. Меѓу осомничените има две службени лица – вработени во управни служби за регистрација на возилата.

- Лицата во текот на 2021 и 2022 година, со лажни документи и преправени броеви на шасија, внесувале во земјава автомобили кои биле предмет на меѓународна потрага, како и автомобили за кои на друг начин ја избегнувале царинската контрола.

Возилата тука ги регистрирале и еден дел по неколкупати меѓусебно си ги препродавале за да го прикријат криумчарењето, по што ги отуѓувале на крајни корисници, стои во соопштението на ЈОРМ.
Утрово, по наредба на судија на претходна постапка, полицијата во координација со Обвинителството извршија претреси на повеќе локации во неколку градови за обезбедување на доказен материјал. Акцијата како што велат од МВР е насочена кон сузбивање на организирана криминалана група која се занимавала со криумчарење на скпаи возила.

- Извршени се 10 претреси кај 10 лица на повеќе локации во Скопје, Неготино, Дојран и Битола. При претресите е пронајдена разновидна документација, околу 25 грама кокаин, лап топови, телефони и други предмети поврзани со кривичните дела, изјави Гоце Андреевски, портпарол на МВР.

Меѓу осомничените е и државјанин на Грција, за кој, како што соопштија од Обвинителството, кривичниот прогон ќе биде отстапен во инситутциите кај нашиот јужен сосед.