Османи: Сега е вистинско време ЕУ да го исполни својот дел од задачата, нема време за губење
Сега е вистинско време ЕУ да го исполни својот дел од задачата и да го деблокира нашиот пристапен процес преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција за време на француското претседателство, рече министерот за надворешни работи, Бујар Османи по средбата со помошник државната секретарка на САД за европски и евроазиски прашања Карен Донфрид која денеска е во посета на земјава.
Османи предупрди дека отсуството на напредок во евроинтегративниот процес ќе има сериозни последици за нашата држава и за земјите од Западен Балкан, но отвора, како што напомена, и простор за штетни влијанија од трети земји поради што „забрзување на евроинтегративните процеси е значаен геополитички интерес и за нашите партнери“.
Според него, процесите на проширување на ЕУ претставуваат и безбедносна политика и оттука, членството на регионот во Унијата е од суштинска важност за регионалната и европската безбедност и стабилност. Никој од нас, потенцира Османи, нема време за губење.
-Северна Македонија е европска земја и лојален партнер со значителен напредок во реформските процеси. Иако се уште земја кандидат, РСМ во целост или стопроцентно е усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и воедно со сите рестриктивни мерки што произлегуваат од воената агресија на Русија врз Украина. Цениме дека сега е вистинско време за ЕУ да го исполни својот дел од задачата и да го деблокира нашиот пристапен процес преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција за време на француското претседателство. Тоа ќе претставува големо охрабрување и за другите земји од Западен Балкан. Ќе се потврди кредибилноста на ЕУ и ќе се охрабрат процесите за надминување на разликите и помирувањето во регионот. Иако стабилен, регионот е обременет со бројни прашања кои создаваат простор за диригирана нестабилност засилена со надворешни влијанија од центри на моќ во чиј интерес не е стабилноста и просперитетот на регионот, нагласи министерот.
Тој повтори дека земјава го поддржува и се солидаризира со украинскиот народ, како и дека јасно ги осудува руските воени дејства во земјата.
-Војната во Украина демонстрираше јасна потреба и за внесување нова динамика во евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан, укажа Османи.
На прес-конференцијата министерот потенцира дека како НАТО сојузник, Северна Македонија ја презема обврската активно да придонесе во регионалната стабилност.
-Во оваа смисла и САД, како и останатите НАТО сојузници може да сметаат на земјава како стабилен и кредибилен партнер при адресирањето на сите отворени прашања во регионот. Тоа е и наша обврска, но и наш директен интерес да бидеме дел од еден безбеден, стабилен и просперитетен регион опкружени со земји соседи кои ја делиме нашата европска и евроатлантска иднина, рече Османи.
Ново на Сител
-

Тема на денот со Марјан Ѓорчев, екс амбасадор во Бугарија
-

Акција за почисто Скопје во полн ек
-

Николовски тврди дека се загрозени 128 милиони евра од ИПАРД, Трипуновски тврди дека не се
-

Нема напредок во работата на комисијата со Бугарија - учебниците по историја за петто и шесто одделение на увид
-

Вештачката интелигенција нема да ги замени лекарите, туку ќе им помага
-

Во Штип прв центар за рана рехабилитација на деца со попречености
-

Саем за храна под мотото „Вкуси ја традицијата преку домашна здрава храна“
-

Се поскапо седнувањето во ресторани
