Во Штип прв центар за рана рехабилитација на деца со попречености
Пред да се реновира и преадаптира просторот наменет за Центар за лица со попречености во средното текстилно училиште во Штип, треба да се обезбеди стручен кадар кој ќе работи со децата за посебни потреби. Исто така, управниот одбор или раководителот на Центарот треба да биде од редовите на родителите на децата, кој оваа функција ќе ја извршува и бесплатно, смета Зоран Мијалков, татко на деца со аутизам.
-Рана рехабилитација на дечињата, работа со логопеди, дефектолози, физиотерпаевти и други стручни луѓе. Многу е важно, негуватели, кои пред се ќе ја имаат човечката нишка кон овие деца. Многу важна терапија е преку игра и љубовта, изјави Зоран Мијалков, родител на деца со аутизам.
Овој Центар, кога ќе профункционира, ќе биде прв од ваков тип во Македонија, а родителите инсистираат да има и видео надзор за да се следи работата со децата. Ќе работи во две смени, по 4 часа.
-Четири часа ни е скратено работно време, па барем во тие часови да бидат згрижени. Ние би сакале и 8, зошто има родители кои работат полно работно време, меѓутоа во тој случај многу помалку деца би биле опфатени и ќе ги замолиме родителите за разбирање, затоа што да имаме барем малку, до сега немавме ништо, па 4 часа во прво време би било и џек пот за нас, додаде Мијалков.
Следен чекор ќе биде отворање на Центар за младинци, во кој тие би се оспособиле да работат на производство на еко здрава храна.
-Тоа ни е проект, кој ќе ни биде даден од родители од Швајцарија, кои го имаат развиено и во Швајцарија веќе постојат такви претпријатија кои што се општествено помогнати, изјави Мијалков.
Целта е децата и младинците да бидат активно вклучени во сите сфери, да не бидат на издршка, туку и самите да можат да придонесат на свој начин во општествениот живот.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
