Општина Чаир платила само дел од долгот, радијаторите и денеска останаа ладни
На снег и минусни температури, 500 тини домаќинства од Чаир и Бутел се уште се без парно греење. Граѓаните велат дека речиси една недела се смрзнуваат по дома, а сега со падот на температурите стравуваат дека состoјбата ќе биде уште полоша.
Од топлификација Скопје Север АД, посочија дека дел од долгот, Општина Чаир го платиле и се прави напор од утре да го вклучат греењето. Но, велат со оваа уплата парно би имало два до три дена, затоа што нивните финасиски проблеми поради цената на гасот се многу поголеми.
- Од страна на Општина Чаир сме известени дека е исплатен дел од нивниот долг, паричните средства ќе ги добиеме утре. Но и покрај уплатата, проблемот би се решил само краткотрајно, односно проблемот за набавка на природен гас по зголемената цена од 270 проценти останува и понатаму. Во текот на денот очекуваме информација и од Владата и од РКЕ за евентуална можност за финансиска помош, се вели во дописот од Скопје Север АД.
И од Општина Чаир потврдија дека уплатиле 2 милиони од околу 10 милиони денари кои ги должат на Скопје Север АД, но прават напори до крајот на неделата да го платат целиот долг. Сепак, и од Општината потврдија дека со овие пари, домаќинствата и училиштата ќе добијат греење неколку дена, а финансискиот проблем на топланата нема да се реши.
Иако побаравме од Владата до вовој момент нема одговор дали финансиски ќе ги помогнат снабдувачите да обезбедат гас.
-
Ирена Чачкова
Сите содржини од овој новинар