Свет
16. February 2018 - 10:16

„Оксфам“ ќе формира независна комисија за проверка на однесувањето на свои вработени

Британската хуманитарна организација „Оксфам“ соопшти дека ќе формира независна комисија за проверка на однесувањето на своите вработени по обвиненија за непристојно сексуално однесување на Хаити.

Минатата недела британскиот весник „Тајмс“ објави дека по земјотресот на Хаити во 2010 година, вработени на „Оксфам“ плаќале за секс со проститутки.

„Оксфам“, која е една од најголемите добротворни организации за хуманитарна помош, ниту го потврди, ниту пак го негираше тоа, но соопшти дека внатрешна контрола од 2011 година потврдила дека имало „непристојно сексуално однесување“ и оти се извинила.

Оксфам

Комисијата што ќе се формира ќе биде составена од експерти за правата на жените и ќе има пристап до архивите на „Оксфам“ и вработените, партнерите и заедниците кои ги помага.

Организацијата додава дека ќе создаде и „глобална база на податоци со акредитирани рецензенти, за да стави крај на професионалните препораки за поранеши и актуелни вработени со преправана или неточна содржина“, како и дека ќе вложи ресурси во мерки за предпазливост.

Европската комисија пред неколку дена предупреди дека е подготвена да го прекине финансирањето на партнерските организации, чии вработени се вмешани во непристојно однесување. Ставот на ЕК дојде по информациите дека вработени од британската хуманитарна организација „Оксфам“ најмувале проститутки на Хаити и Чад. Комисијата прецизира дека од 2011 година „Оксфам“ добила 1,7 милиони евра од Европската Унија за своите активности на Хаити.

ек

- Подготвени сме да разгледаме и по потреба да го прекинеме финансирањето на секоја партнерска организација која не одговара на неопходните високи етички стандарди, соопшти портпарол на ЕК и додаде дека Комисијата очекува нејзините партнери да ги почитуваат строгите етички и професионални правила на однесување. - Немаме толеранција за случаите на обвиненија за недостојно однесување во организации, кои добиваат финансии од нас, додаде портпаролот.

Според него, се уште не е познато дали вработените од „Оксфам“ ги плаќале проститутките со средства од ЕУ и побара итно разјаснување на случајот.