Македонија
15. September 2017 - 14:14

Околу девет проценти од вработените се сиромашни

Околу девет проценти од вработените во Македонија се сиромашни или имаат приходи пониски од 12 илјади денари, покажуваат официјалните статистички податоци кои беа изнесени на денешната конференција за сиромашни и социјално исклучени лица што ја организираше Македонската платформа против сиромаштија. Тоа најчесто се семејства со еден вработен, кои немаат дополнителни приходи.

За да се надмине проблемот, потребно е да се зголеми минималната плата на најмалку 12 илјади денари, да се работи на сузбивање на сивата или неформална економија, како и работниците да имаат посилно синдикално организирање кое ќе се бори за нивните права.

- Законот за минимална плата во претходните години беше 10 илјади денари и е под прагот на сиромаштија.  Во Македонија е пресметано дека за едно четворочлено смемејство потребно е да добијат околу 12 илјади денари за да се над ниво на сиромаштија. Ние сега со издигнување на минималната плата, сите оние вработени регуларно ќе ги извлекуваме секој месец од сиромаштија, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Додаде дека, дополнително, за оние кои се неосигурени, работат во неформална економија или со договор на дело и чувствуваат несигурност за нивното вработување, ќе биде донесена една стратегија дека неформалната економија треба да се спречи или намали за, како што рече, граѓаните да бидат сигурни кога инвестираат во фондовите, дека се здравствено осигурени, а не да лебдат во ситемот и само на месечно ниво да добиваат плата.

Сиромаштијата, потенцираа таа, во поширок обем значи пристап до здравствени и социјални услуги, социјално осигурување, образование, услуги што ги нуди пазарот... и така треба да се гледа и да се наоѓаат решенија за справување.

Претседателата на Македонската платформа против сиромаштија Билјана Дуковска, истакна дека отворањето на оваа тема произлегло од фактот дека досега многу се зборувало за генералната сирошатија и за луѓето кои буквално немаат да јадат леб, но оти многу малку се зборувало за лицата кои работат, а се сиромашни.

- Ние сакавме да се прошири опсегот односно дека се сиромашни и оние луѓе кои се вработени, а имаат мали приходи, но и со оние кои не уживаат сигурност иако се вработени. Тоа се хонорарците, лицата кои работат на црно или со договори на кус период, рече Дуковска.

Поимот ниска плата, вели таа, подразбира дека не сте во можност целосно да ги покриете основните потреби, па оттука се прави тежок избор кои основни трошоци први да се платат. Луѓето со ниски примања честопати се и материјално лишени и се погодени од социјална исклученост. Сиромаштијата кај вработените често води до преголема задолженост, бидејќи платите не се доволни за покривање на основните трошоци за живеење.  Друг проблем е што минималните плати често не се порамнуваат со конкретните минимални трошоци и со цените на намирниците и услугите.

Смета дека всушност сиромашните често се во циклусот - невработени сиромашни, па вработени сиромашни. Менувањето на статусот со добивање платени бенефиции и статусот на платен труд, и обратно, има често проблематичен карактер, па луѓето често остануваат без никаков приход кога го менуваат статусот. Сето ова, потенцира Дуковска, создава една неизбежна замка на сиромаштијата што го активира варирањето на приходот (со периоди без приход) како и немање други бенефиции. Доказот за ваквиот тип на „слабо платен па неплатен“ циклус подразбира дека мора да ги третираме двава феномена како поврзани, а не одделни искуства. 

На конеференцијата беа присутни лица кои живеат во сиромаштија или се социјално исклучени кои пред учесниците од невладините организации, но и од владините институции можеа да ги споделат нивните искуства и да овозможат отворање дебата од која треба да произлезат решенија за поквалитетен живот на оваа категорија граѓани.