ОЈО ги истражува наводите за дивоградби во Чаир
Обвинителството презема дејствија во врска со наводите за дивоградбите на територија на Општина Чаир. Оттаму велат сите надлежни и службени лица кои имаат некакви сознанија за незаконски дејствија да пријават во обвинителството. Апелираат да се наведат конкретни локации и парцели.
Директорот на БЈБ во врска со дивоградбите во Чаир вели дека полицијата ги проверува сите наводи и за секаде.
Скопската градоначалничка Арсовска повторно преку социјалните мрежи објави фотографии од сателитски снимки со кои обвинува дека градоначалникот на Чаир фалсификувал документи и дозволувал бесправни градби во општината.
-Лик како Вики Ганиу би требало да добие грант од Фонд за иновации, кога веќе не добива кривична пријава за над 150 противзаконски и опасни дивоградби кои ги кеширал. Ако ги погледнеме двете сателитски снимки од кои првата е од денес, а втората од 2023 година ќе забележиме дека Ганиу успеал и да најде начин како да патува низ времето. Јавното обвинителство не гледа никаков проблем зграда ИЗГРАДЕНА СЕГА, да биде заведена како објект кој е изграден пред 2011 година, иако очигледно е дека според ОФИЦИЈАЛНАТА снимката на Катастар која е направена во 2023 дека на таа локација нема зграда, напиша Арсовска.
Конфликтот меѓу Ганиу и Арсовска трае веќе долго време. Градоначалникот на Чаир во знак на револт заедно со група граѓани истури отпад пред бараките на Град Скопје. Ја обвинија Арсовска дека не го собира отпадот во општина Чаир и дека воопшто Градот не инвестира во оваа општина.
Полицијата постапила согласно закон рече директорот на БЈБ и рече дека секое незаконско дејство кое е во нивна надлежност ќе биде санкционирано.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар