Пет месеци од трагедијата во Кочани, 18-ти по ред „Марш на ангелите“
На точно 5 месеци од најголемата трагедија во која животот го загубија 62 млади лица, а над 200-беа тешко повредени, во Кочани се одржа 18-тиот по ред „Марш на ангелите“. Маршот и овој пат започна во 18.05, што е симбиоличен приказ на доцната реакција на институциите на системот.
Родителите на загинатите се огорчени од повикот на Синдикатот на МВР до полициските службеници за кои се изречени мерки за претпазливост и мирување на работниот однос, да бараат правна поддршка од нив, затоа што имале кредити, хипотеки и долгови.
- Даваме апсолутна поддршка на правичната и непристрасна истрага, како и на судската постапка во која вината ќе биде утврдена. Но, должни сме јавно да прашаме, дали токму тие службеници совесно ја извршуваа својата должност кобната ноќ, дали постапија согласно своите службени овластувања и одговорности, дали нивната негрижа придонесе за трагедијата и конечно, дали трагедијата можеше да се спречи ако секој ја исполнил својата законска обврска. Ако одговорот е ДА, тогаш зошто загинаа нашите деца. Ние не смееме и нема да дозволиме прашањето за кредити да биде ставено пред човечките животи, изјави Розета Џамова, сестра на загинатиот Јорданчо Џамов
Кредитите се враќаат, додаде Џамова, но загинатите деца никој и никогаш нема да ги врати. Организаторите потсетија дека маршевите не се само чин на сеќавање, туку силен повик за правда и одговорност и уште еднаш изразија револт поради бавната истрага и недостиг на конкретни резултати.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар