Македонија
24. February 2017 - 13:43

Одбележан Денот на Првиот механизиран пешадиски баталјон

Во касарната „Боро Менков“  Куманово, со воена свеченост, денеска припадниците од Првиот механизиран пешадиски баталјон  го одбележаа 26-ти февруари, Денот на единицата.

Во рамки на свеченоста, единиците продефилираа пред присутните, по што следеше презентација  на дел од  вооружувањето, опремата и возилата со кои располага единицата. На прославата присуствуваа претставници од АРМ, поранешните команданти на единицата, претставници од државна управа, јавните установи и служби, градоначалниците и претставниците на единиците на локалната самоуправа, бизнис секторот и  граѓани.

Пред присутните, командантот на првиот механизиран пешадиски баталјон Лулзим Нуредини се осврна на историјата и формирањето на Третата македонска ударна бригада. Потсети дека бригадата е формирана во Жегљане на 26-ти февруари 1944 и на нејзините учества во НОБ,за што е одликувана со три ордени.

- Како и тогаш, така и сега, задачите и обврските се големи, но целта е иста. Сите ние сме во функција на народот и државата, а со секојдневните активности и ангажирање го докажуваме тоа, рече меѓу другото команданот Нуредини, потсетувајќи на ангажманот на Армијата во асистенцијата на МВР при справувањето со мигрантската криза и со поплавите и помош на населението во скопскиот регион.

- Оваа единица се карактеризира со висок степен на обученост, чувство за припадност и одговорност кон единицата и нејзините традиции и обврски и е подготвена да одговори на предизивиците што ги носи времето, рече Нуредини.

На денешната свеченост беа прочитани телеграми со честитки по повод денот на Денот на единицата, беа унапредени, пофалени и наградени припадници на единицата, беше прогласен најдобар вод и беа доделни награди за соработка на кумановската градинка „Ангел Шајче“ ,културно-уметничките друштва „Срма“ и „Бајрам Шабани“ и на приватни компании.

Со одлука на претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, Ѓорѓе Иванов, 26 февруари е одреден за Ден на првиот механизиран пешадиски баталјон, како датум со кој се одбележува значаен историски настан, поврзан со денот на формирањето на Трета Македонска Ударна бригада, а врз кој  заедно со други важни датуми од историјата се темелат традициите на АРМ.