Обвинителството бара притвор за директорот на Комунална хигиена поради несобирање на ѓубрето во Скопје
По 22 часа распит во полициска станица, директорот на Комунална хигиена, Сабахадин Рустеми, и управителот за отпад во претпријатието беа спроведени во кривичниот суд.
Обвинителството бара притвор и за двајцата. Се сомничат дека сториле кривично дело Загрозување на животната средина и природата со отпад. Според обвинителството, двајцата не ја извршувале својата основна работа – редовно собирање и транспортирање на ѓубрето во Скопје. Не биле исполнети ниту обврските од оперативната програма за комуналниот отпад и планот за одржување јавна чистота во градот.
„Со пропуштање на целосниот надзор на собирањето и транспортирањето на комунален отпад, како и со непрописно управување со отпадот тие овозможиле во текот на месецов да се создадат мали депонии на јавни и сообраќајни површини, во близина на предвидените садови за собирање комунален отпад, со што предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот и водата и го довеле во опасност животот и здравјето на луѓето од предизвикување заразни или други болести“ – изјави Гоце Андреевски, портпарол на МВР.
Сомнежите биле потврдени по вонредните контроли што ги направиле локални инспектори за животна средина, како и со експертско мислење од Институтот за јавно здравје кое покажало дека отпадот може да предизвика ширење на заразни болести.
Кривичниот законик, за делото кое им се става на товар, предвидува казна затвор од минимум една до максимум десет години затвор.
Од обвинителството посочуваат дека доколку во текот на истрагата се утврдат сомненија за кривично дело и кај други лица, соодветно ќе постапат.
Рустеми беше назначен за директор на Комунална хигиена во јануари годинава од страна на градоначалничката Арсовска. Таа вчера освен што го бранеше на Фејсбук, објави ироничен и манипулативен статус во кој напиша дека Рустеми е ослободен откако преминал во Влен.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
