Македонија
28. October 2025 - 19:59

По СЕПА следниот чекор ТИПС - нов систем за инстант плаќања

Интеграцијата на нашата земја во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) покажува дека не само финансискиот систем, туку и целокупната економија е подготвена за предизвиците што ќе произлезат од делувањето во заедничката европска рамка истакна гувернерот на Народната банка, Трајко Славески на шеснаесеттата конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура, што оваа година се одржува во Охрид.

Според процените се очекуваат значителни заштеди  за граѓаните и за компаниите особено за малите и средните претпријатија.

Забрзаните технолошки циклуси и појавата на нови деловни модели го менуваат пејзажот на плаќањата и пазарната инфраструктура и овозможуваат интегрирање во единствениот европски пазар, уште пред пристапувањето кон Европската Унија.

На конференцијата се дискутираше и за започнатото воспоставување систем за инстант плаќања во земјите од Западен Балкан, заснован на стандардите на ТИПС на Европската централна банка за сигурно, ефикасно и брзо извршување на плаќањата во кое било време во текот на денот, кој се очекува да стане оперативен во јули наредната година.