Мозочниот удар е најчеста причина за смрт во Македонија - за успешно лекување најважно е рано препознавање на знаците
Годишно во Македонија се регистрираат по 5000 нови случаи со мозочен удар. Не е поштедена ниту една возраст, страдаат и помлади лица. На Клиниката за неврологија третирале и 14 годишни деца. Оваа ургентна состојба е најчеста причина за смрт и инвалидитет во земјава. Според невролозите клучно за успешен третман е препознавање на симптомите и брзо да се побара лекарска помош.
-Кога некој има мозочен удар многу е битно времето и брзото препознавање на симптомите и знаците, односно одземен говор, искривување на лицето, парализа едната страна од телото односно на раката или на ногата и што побрзо пациентот треба да се донесе во најблиската здравствена установа односно на Клиниката за неврологија, каде доколку се работи за исхемичен мозочен удар во првите три до четири ипол часа од почетокот на симптомите може да се аплицира интравенска тромболиза, а тоа е средство за разбивање на тромбот, изјави проф. д-р Анита Арсовска, шеф на одделот за ургентна неврологија на Клиника за неврологија.
Во пресрет на утрешниот светски ден за мозочен удар Клиниката за неврологија организираше бесплатен доплер на каротидни артерии како дел од традиционалната превентивна кампања на установата за превенирање на оваа животозагрозувачка состојба. За еден час повеќе од 50 граѓани ја искористија можноста за преглед без упат.
-Во рамките на одбележувањето на Светскиот ден на мозочен удар, 29 октомври, Клиниката за неврологија во соработка со Министерството за здравство и Македонското невролошко здружение организира настан кој има едукативна цел односно подигнување на јавната свест за мозочниот удар како болест која е една од најчестите по инциденца и причина за смрт, но исто така е и болест број еден во светот за инвалидитет, па и кај нас. Задоволство ми е што има навистина голем одѕив, изјави д-р Јован Божиновски, директор на Клиниката за неврологија.
Со редовни прегледи и ако се влијае на зголемениот крвен притисок, кој е најчест причинител за мозочен удар, зголемите вредности на шеќер во крвта, маснотиите, заболувањата на срцето, крвните садови, пушењето, стресот и аерозагадувањето, невролозите уверуваат дека над 90 проценти од мозочните удари може на ваков начин да се превенираат.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
