Македонија
28. October 2025 - 16:30

Буџетот во 2026 година ќе тежи 6,7 милијарди евра

6,7 милијарди евра тежи буџетот за идната година кој Министерството за финансии ќе му го предложи на Собранието. Планот на владата е да потроши околу 150 милиони евра повеќе од оваа година. Се очекуваат приходи од 6,1 милијарди евра што ќе резултира со буџетски дефицит од околу 600 милиони евра што е 3,5% од БДП, половина поен помалку од оваа година.

До приходите ќе се доаѓа со намалување на сивата економија и поефикасна наплата на даноците како и силна дисциплина во трошењето и голем рез во несуштинските трошоци. Владата планира да собере 6% повеќе пари од даноци и 4% повеќе од придонеси.

Очекувањата се идната година економијата да порасне за 3,8% а инфлацијата да се стабилизира на 2,5%

Во буџетот за идната година предвидени се 7% повеќе пари за плати и околу 9,7% повеќе пари за пензии. Владата се уште не донела одлука дали догодина пензиите ќе растат линеарно или според растот на просечната плата и трошоците за живот.

Капиталните инвестиции се проектирани на околу 660 милиони евра, нешто над 100 милиони помалку од оваа година.

Министерката објасни дека од јануари за наплата ни доаѓа надворешен долг од над 900 милиони евра од кои 700 се враќање на стара евробврзница.

Старите долгови и буџетскиот дефицит ќе ги финансираме со ново задолжување од околу 1,6 милијарди евра од кои нешто под 1 милијарда се очекува да биде нова евровбврзница а остатокот да се позајми со комбинација на задолжување на домашниот и странскиот отворен пазар.

Предлог Буџетот сега патува до Собранието кое треба да ја почне постапката за негово носење која треба да заврши пред крајот на годината.