Бизнис
31. December 2021 - 16:44

Новогодишна честитка од Регулаторна, поскапо парно за 14% во новата година

Парното од утре ќе биде поскапо за 14.05%. Оваа е најдобрата цена што можеше да се постигне во овие услови, тврди регулаторот. Природниот гас за јануари се продава по цена од 1480 долари за метар кубен, а просечната цена годинава изнесувала 240 долари. По овие пресметки, греењето во Скопје требаше да поскапи околу 200%. Но, регулаторна застана на патот на ваквиот ценовен удар и сметката за граѓаните ја зголемува за 14%. Ќе фалат 9 милиони евра за да се покријат трошоците за набавка на природниот гас. Бислимовски бара помош од Владата, Градот и скопските општини.

Во ова поскапување, цената на парното се враќа на нивото од јули 2018 година, а во оној момент кога цените на светските берзи ќе се релаксираат, регулатрона ќе ја ревидира одлуката.

Со ова решен е проблемот и скопјани утре ќе се разбудат со топли радијатори. Следните две недели се обезбедени. За втората половина од месецот ќе треба да се обезбедат потребните 9 милиони евра.

На новата цена на парното реагира опозицијата. Велат сега Бислимовски бара помош од градот Скопје и општините кои и самите имаат поскапа струја и одвај си ги покриваат трошоците, а доплнително градот Скопје наследи долг од 160 милиони евра.

„Во услови кога граѓаните едвај врзуваат крај со крај, кога цените на производите во маркетите пораснаа до небо, сега се испорачува ново поскапување кое ќе удри по џебот на народот. Иако ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше пред неколку месеци дека ќе дојде до ваков ценовен шок и поскапување на парното, Владата на Заев не презеде ништо. Сега неодговорноста и неспособноста на владата треба да ја плаќаат граѓаните“.