Новиот папа Лео 14-ти ја отслужи својата прва миса како водач на Католичката црква
Папата Лео 14-ти ја отслужи својата прва миса како водач на Католичката црква во Сикстинската капела во Ватикан. Кардиналите кои го избраа учествуваа на службата. Тој им се заблагодари за довербата. Говорот го почна на англиски јазик и ги нагласи чудата на Господ.
Во своето прво обраќање од балконот на базиликата Свети Петар повика на мир.
Ликот на новиот папа утрово „осамна“ на насловните страници на најпознатите весници. Изборот го честитаа голем број светски лидери. Меѓу нив и американскиот претседател. Трамп рече дека тоа што новиот папа е Американец е голема чест за САД.
Верниците се оптимисти и со големи очекувања.
Ватикан денеска објави дека формалната инаугурациска миса на Лео-14 ќе се одржи на 18-ти мај, а првата средба со народот, позната како општа аудиенција ќе ја има на 21 мај.
Папата има право на месечна плата од околу 2.500 евра, но во пракса, поголемиот дел од папите се откажуваат од овој приход. Ватикан му овозможува живот без никакви лични трошоци и се грижи за секој аспект од неговиот живот – од сместување и исхрана, до здравствена заштита, транспорт и осигурување.
Лео 14-ти наследува големи предизвици, меѓу кои се и буџетскиот дефицит, поделбите околу тоа дали Црквата треба да биде попријателска кон ЛГБТ-заедницата и разведените лица, како и прашањето дали жените треба да имаат поголеми права.
Медиумите веќе анализираат зошто 69-годишниот Роберт Превост го избрал името Лео. Како што пишуваат, папите го бираат името за да покажат што ќе им биде приоритет. Последниот папа што го зел ова име, Лео 13-ти, голем дел од своето папство го посветил на работничките права, повикувајќи на фер плати и подобри услови за работа.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар