Македонија
9. July 2024 - 17:12

Нова инвестиција: Вабтек го шири производството - 100 нови вработувања

Американската компанија Вабтек ја проширува инвестицијата во Македонија. Договорот паднал во Вашингтон каде премиерот имал средба со раководството на фирмата која веќе долги години работи на македонскиот пазар

Брука и срамота, компанија која веќе работи 16 години во Македонија за Мицкоски е нова инвестиција, реагираа од СДСМ во писмено соопштение.

„Станува збор за барање на компанијата Вабтек за проширување на операциите во државата. За ова нивно барање се водеше постапка одамна во рамки на институциите кај нас при што заради негативно мислење на Комисијата за заштита на конкуренција тоа не се реализираше. Во рамки на овој процес имаше и судска постапка. 

ВМРО-ДПМНЕ изгледа смешно и наивно со своите промоции. Во отсуство на реална и сериозна дипломатска агенда на Самитот на НАТО, Мицкоски ја замајува јавноста со лажни ПР промоции“  – се вели во соопштението на СДСМ

Но со нив не се согласува поранешниот директор на ТИРЗ и кандидат за претседател на социјалдемократите, Јован Деспотовски. Тој на социјалните мрежи ја поздрави оваа инвестиција.

„Повеќе од две години со тимот од ТИРЗ работевме заедно со оваа компанија, која веќе вработува над 350 наши сограѓани. Се боревме заеднички со предизвиците од различни институции. Институции и политичари кои заборавија дека работат за интересите на државата и граѓаните. Се боревме и на суд, каде добивме заедно со компанијата. Одлуката сè уште не е спроведена. Сепак, добро е што овие предизвици се сега минато.

И затоа заслужува да се поздрави решеноста на Владата “да пресече” и оваа инвестицијата која е важна за сите граѓани да се случи. “ – напиша Деспотовски на социјалните мрежи.

Вабтек е технолошки гигант со производствени погони во повеќе држави. Работи по исклучително висока технологија, а деловите кои се произведуваат ги користат шински возила кои се дел подземните желеници во најголемите светски метрополи.