Николовски тврди дека се загрозени 128 милиони евра од ИПАРД, Трипуновски тврди дека не се
Европската унија може да ги стопира парите од ИПАРД 3 програмата, тврди поранешниот министер за земјоделие, Николовски.
Ова доаѓа откако Директорот на Агенцијата за финансиска поддршката во земјоделството, Илија Стоилев, заврши во 30-дневен притвор оти земал поткуп за да потпише нецелосен проект од ИПАРД. Николовски вели дека последиците се огромни и одговорност мора да има.
„Веќе има најава и можно е Европската унија да ги стопира финансирањата во ИПАРД-3 програмата од Европската комисија. Во ризик се ставени 128 милиони евра од целата 7 годишна програма, пари кои требаше да бидат двигател на нашето земјоделство. Тоа значи дека нема повеќе нови повици, најавите за новите повици не можат да се отворат, нема нови договори коишто ќе бидат склучени, но исто така и нема исплати за проектите коишто тековно се финансираат. Илјадници земјоделци и агробизнисмени кои ги имаат планирано своите инвестиции на основа на овие средства или веќе реализираат инвестиции, сега се соочуваат со неизвесност, ризик и страв да не ги изгубат овие вложувања“ – изјави Љупчо Николовски, пратеник на СДСМ.
Министерот Трипуновски смирува – парите не се загрозени. Според него, овој случај е показател дека законите важат подеднакво и за сегашни и за поранешни функционери. Ги повика надлежните институции да го истражат целиот случај до крај.
„Агенцијата е посебна институција, која има посебен менаџмент, посебно управувачко тело така што не гледам никаква поврзаност. Затоа апелирам овој случај да се истражи докрај и доколку има одговорност да се делува согласно законот. Агенцијата е акредитирано тело коешто ќе продолжи да работи согласно правилата и процедурите. Не гледам загрозенот на ИПАРД средствата и националните плаќања што ги имаме како држава“ – изјави Цветан Трипуновски, министер за земјоделие.
Утринава се огласија и од ВМРО-ДПМНЕ.
„Секој којшто ќе биде фатен во корупција или криминал, а притоа ќе има докази за истиот, мора да одговара. Не смееме да дозволиме општеството да ни биде мрачно како порано кога луѓе како Заев, Љупчо Николовски, Груби, Филипче, Перпарим Бајрами, Ден Дончев, Рашковски и слични на ним, за кои има основани сомнение или пресуди за сторен криминал, шетаат слободно по улиците“, велат од партијата.
Директорот Стоилев беше фатен како прима поткуп од 400 евра. Toa било првата рата од ветените 50 илјади евра. Парите му ги понудил поранешниот министер за локална самоуправа и правда, Џевдет Насуфи кој сега е сопственик на агро фирма во Струга.
Стоилев заедно со уште три лица осомничени за давање и примање поткуп добија 30-дневен притвор. На петтосомничената, пак, кривичниот суд ѝ определи мерка куќен притвор.
Од судот кажаа дека притворите на четворица од осомничените им се изречени поради опасност од бегство, можноста за влијание врз сведоци и повторување на делото.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
