Македонија
12. May 2019 - 20:40

Непотребно излегување во природа и задржување на отворен простор - мерки за заштита од невреме во Ресен

Намалување на човечко присуство покрај речните сливови, непотребно излегување во природа и задржување на отворен простор и овозможување слободен и непречен проток на возилата и механизацијата за расчистување на теренот во случај на поплави се дел од препораките што попладнево ги донесе Кризниот штаб на Општина Ресен, по најавите за обилни врнежи од дожд во државата.

Во случај на природна непогода, Штабот за заштита и спасување апелира до граѓаните да обезбедат слободно движење на возилата кои ќе бидат ангажирани заради превенција или евакуација.

– Доколку се затекнете во домашни услови да се стационирате во горните катови во семејните куќи. Ако има појава на определени загрозени и поплавени зони и подрачја, граѓаните се молат на смиреност, присебност и помош од стручните екипи со насоки за правовремена евакуација и постапки за својата лична безбедност и сигурност, нагласува Општинскиот кризен штаб.

Потребните информации за и околу моменталната состојба и потребата од помош може да се побара на бесплатните телефонски броеви 192 и 193 или на 070/ 368 001.