МЗ набави 3.000 вакцини против стрептокока
Три илјади дози вакцини против бактеријата стрептокока набави Министерството за здравство, кое продолжува со унапредување на превентивната здравствена заштита со посебен фокус на заштитата на здравјето на децата. Вакцината е незадолжителна и бесплатна и е наменета за деца на возраст од шест недели до пет години.
Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција рече дека вакцината е достапна и сите родители кои сакаат да го вакцинираат своето дете потребно е да се обратат до центрите за вакцинација во своето место на живеење и да се пријават, по што во рок од 10 дена ќе бидат повикани за вакцинација. Посочи дека веќе десетина деца се вакцинирани.
- Оваа вакцина штити од заболувања предизвикани од бактеријата стрептокока, како што се: пневмонија (воспаление на белите дробови), отитис (воспаление на увото), бронхитис и потешки форми, како: сепса, менингитис, артритис, и др., посебно кај деца со намален имунитет, истакна Тодоров и додаде дека најчесто кај децата на возраст од шест недели до пет години таа бактерија може да предизвика некое од спомнатите заболувања.
Според досегашното искуство, појасни министерот, поголем дел од родителите бараат вакцинација, односно заштита на децата од оваа бактерија која релативно често предизвикува заболувања кај децата.
- Во Република Македонија податоците покажуваат дека поголем број деца - околу 2.000 на годишно ниво добиваат бактериска пнеумонија каде причинител во 90 отсто од случаите е стрептококус пнеумоние. Околу 1.000 деца заболуваат од отитис или воспаление на увото каде во 90 отсто причинител е стрептокока, рече Тодоров.
Потенцира дека во светски рамки на годишно ниво се третираат околу 156 милиони случаи на пневмонија кај децата, од кои поголем дел се причинети од стрептокока. Најризични групи за ова заболување, нагласи Тодоров, се малите деца, особено оние со намален имунитет и потхранети, децата кои престојуваат во колектив, како и повозрасни лица, лица со хронични заболувања и со ослабен имунолошки систем.
- Според искуствата на педијатрите во нашата држава, третманот на заболувањата причинети од бактеријата стрептокока вклучува долготрајна антибиотска терапија, а често е потребно и болничко лекување. Инфекцијата може да се повторува и доколку не се третира навремено, може да предизвика последици по здравјето на детето, рече Тодоров.
Од социјален аспект, укажа министерот, болничкото лекување на детето во вакви случаи се одразува негативно на квалитетот на живот на детето од најмала возраст, а тоа наметнува и престој на родителот со детето во болница, отсуство на родителот од работа, итн.
- Токму затоа, со вакцината против стрептокока се превенира појавата на евентуални компликации, се превенира потребата од болничко лекување на детето, потребата од боледувања и отсуства од работа на родителите. Во земјите од Западна Европа вакцинацијата против стрептокока е воведена одамна и е препорачана од Светската здравствена организација, истакна Тодоров.
Нагласи дека очекуваат голем интерес за вакцинација против стрептокока по завршување на летните одмори односно пред почетокот на школската година, кога децата одат во градинка и во училиште.
- Доколку има поголем интерес тогаш ќе набавиме и дополнителни дози. Вакцината е набавена од Пастер од Франција, додаде Тодоров.
Јованка Костовска, раководител на Секторот за превентивна здравствена заштита при Министерството за здравство рече дека вакцината не може да се прими само со фаза на акутно заболување, ако детето има температура и симптоми.
- Кога нема симптоми вакцината може да се прими затоа што оваа бактерија многу често може да ја има во носот и грлото кај детето, но да не дава симптоми, само да стои како колонизирана, па да биде опасност за другите деца. Токму затоа ќе ги вакцинираме за да не може да заболат, истакна Костовска.
Одговарајќи на новинарско прашање, министерот Тодоров рече дека оваа година е прва година кога почнуваат со ваков тип вакцинација помасовно.
- И претходните години сме ја набавувале оваа вакцина, но не повеќе од 100 вакцини годишно и главно се вакцинирале деца кои имале болничка препорака поради интервенции, намален имунитет, но и повозрасни лица кои имале посериозни интервенции. Досега во Македонија секоја година од оваа вакцина се вакцинирале околу 30 деца кои имале специфична здравствена состојба. Имајќи предвид дека станува збор за често заболување кое прави проблем и на родителите и на децата, оваа година решивме да набавиме поголема количина и да овозможиме оние кои се заинтересирани да бидат вакцинирани, рече Тодоров и додаде дека вкупната набавка на вакцините чини 11 милиони денари.
Ново на Сител
-
Избран новиот централен одбор на СДСМ, Филипче најавува враќање на победничките патеки
-
Тема на денот со Татјана Стојановска, активист во иницијативата О2
-
30 конгрес на СДСМ - Отчет за поразот и избор на телата на партијата
-
Ахмети: Без Aлбанците, Македонија нема иднина
-
Владата и банките договорија 1,95% камата за унгарските пари
-
Автопатот Охрид - Кичево готов до 2026 година
-
Мицкоски: Од следната летна или есенска сезона очекувам да има нови електрични автобуси
-
Регионална депонија во Новаци во стар рударски коп на РЕК Битола