Муцунски на состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО во Брисел

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, на покана на генералниот секретар на НАТО Марк Руте, денеска во Брисел учествува на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Алијансата, на кој главни теми ќе бидат имплементацијата на одлуките од Самитот во Хаг, безбедносните предизвици со кои се соочува НАТО, мерките за зајакнување на способноста за одвраќање и одбрана, поддршката за Украина и подготовките за следната средба на врвот на Пактот во јули 2026 година во Анкара.
Во фокусот на дискусиите се очекува да бидат разменети информации за заедничките напори за продолжување на континуираната поддршка за Украина, како и размена на ставови за одговор на актуелните безбедносни предизвици и закани, вклучително и дестабилизирачките активности на малигните актери и стратешките конкуренти, кои имаат за цел да ја нарушат воспоставената безбедносна архитектура и меѓународниот правен поредок.
На маргините на министерскиот состанок, предвидено е министерот Муцунски да оствари и повеќе билатерални средби, меѓу кои и со шефот на американската делегација, заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау, како и да учествува на тематски состанок посветен на Коридорот 8.
- Сојузниците во НАТО покажаа дека се подготвени, желни и способни да работат заедно за да се осигурат дека можеме ефикасно да се справиме со предизвиците, одржувајќи ги нашите една милијарда луѓе безбедни денес и во иднина, изјави генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте на вчерашната прес-конференција во пресрет на денешниот министерски состанок.
Тој потсети дека на Самитот во Хаг, земјите членки на НАТО се обврзаа вложувањата во одбраната да бидат на ниво од пет отсто од националниот БДП, со цел на вооружените сили да им да обезбедат сè она што им е потребно за да гарантираат заштита на сојузниците - од авиони, тенкови и бродови, преку беспилотни летала, па се до кибер и вселенски капацитети.
- Таа посветеност да инвестираме повеќе во нашата безбедност беше голем скок во услови на променета реалност. И оттогаш, постигнавме значаен напредок. Секоја недела гледам нови најави од сојузниците кои работат на зголемување на нивните капацитети. Но, ова е само почеток на еден долг пат и не можеме да бидеме самозадоволни. Мора да изградиме моментум и да се држиме едни до други одговорни додека работиме на безбедноста на нашите една милијарда граѓани, истакна Руте.
Тој потенцира дека паралелно со инвестициите во одбраната потребно е и зголемување на производствените капацитет на одбранбената индустрија, со цел да се произведе се она што му е потребно на НАТО за зајакнување на безбедноста и просперитетот, а во исто време и да се создаваат нови работни места од двете страни на Атлантикот.
Руте информира дека во рамки на министерскиот состанок ќе се одржи и заседание на Советот НАТО-Украина, на кое ќе учествуваат и шефот на украинската дипломатија Андриј Сибиха и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.
- Сите признаваме дека нашата безбедност е длабоко поврзана и сите работиме на тоа војната во Украина да заврши со праведен и траен мир. Ги поздравуваме тековните напори предводени од САД за остварување на овие заложби и уверен сум дека овие одржливи напори на крајот ќе го вратат мирот во Европа, рече Руте.
Сепак, според него, додека се работи за постигнување мир, не смее да се изгубат од вид сè побруталните руски напади врз Украина.
- Русија систематски ја таргетира цивилната инфраструктура, лишувајќи ги Украинците од топлина и светлина на почетокот на зимата. Русија не е сама во оваа војна, бидејќи Кина продолжува да биде нејзин клучен овозможувач, а Иран и Северна Кореја исто така ѝ даваат поддршка, истакна првиот човек на НАТО.
Руте посочи дека уште од првите денови на руската инвазија членките на НАТО покажаа непоколеблива посветеност на поддршката на Украина и само во последните месеци, европските сојузници и Канада инвестираа милијарди долари за набавка на американска опрема за потребите на украинските Вооружени сили.
- Оваа поддршка е важен дел од нашите тековни напори да се осигураме дека Украина го има она што ѝ е потребно за да се одбрани денес и да спречи идна агресија. Но, сепак, има уште многу што мора да направиме. Очекувам сојузниците да објават нови придонеси во наредните денови. Значи, јасно е дека имаме предизвикувачка агенда пред нас, изјави Руте на прес-конференцијата во пресрет на министерскиот состанок.
Инаку, на состанокот нема да присуствува американскиот државен секретар Марко Рубио, туку САД ќе ги претставува неговиот заменик Крис Ландау. На прашање за коментар за отсуството на Рубио, Руте изјави дека американскиот државен секретар е ангажиран околу „завршување на војната во Украина“ и тој е во постојан контакт со него.
- Тој работи исклучително напорно. Мора да се грижи не само за ситуацијата во Украина, туку секако и за многу други прашања што се негова задача. Значи, целосно го прифаќам тоа што нема да може да биде тука утре и не гледам никаква порака во тоа, рече Руте.
МИА
Ново на Сител
-

Муцунски на состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО во Брисел
-

Македонско-српски бизнис форум во Скопје на кој ќе присуствува и премиерот Мицкоски
-

Песков: Не разгледуваме привремено новогодишно примирје во Украина
-

Намалена видливост поради магла на Стража и на патот село Гајре – Попова Шапка
-

Собранието ќе ја одржи 72. седница, на дневен ред избор на претседател на ДКСК
-

Осомничениот за пукањето во Вашингтон обвинет за убиство од прв степен и напад
-

Трамп ја запира имиграцијата од 19 неевропски земји
-

Претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд, на повисоките планини и снег
