МП: Венецијанската комисија даде позитивно мислење за предлог законите за јавно обвинителство и за Советот на јавните обвинители
Венецијанската комисија на Советот на Европа даде позитивно мислење за Предлог законот за јавно обвинителство и за Предлог законот за Советот на јавните обвинители, информираат од Министерството за правда.
Во Венеција, денеска се одржа 114-та пленарна сесија на Европската комисија за демократија преку право - Венецијанска комисија при Советот на Европа, на која било усвоено Заедничкото мислење за Предлог законот за јавно обвинителство и за Предлог законот за Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија.
-Во усвоеното мислење, Комисијата даде позитивна оцена за процесот и содржината на изработените закони, поздравени се реформските напори на Министерството за правда. Укажано е дека во двата предлог-закона се запазени меѓународните стандарди и имплементирани сите препораки. Дадени се и неколку дополнителни сугестии во насока на подобрување на законските текстови. Со ова, се потврдува дека законите се целосно усогласени со европските принципи за професионалност и ефикасност на јавното обвинителство, како и со стандардите за транспарентно и одговорно функционирање на Советот на јавните обвинители, се вели во соопштението од МП.
На пленарната сесија, во име на Министерството за правда, свое обраќање имала проф. д-р Александра Деаноска Трендафилова, како претседател на Работната група која ги подготви двата закона.
Министерството за правда, се вели во соопштението, ќе продолжи посветено да работи на спроведување на препораките, на унапредување на правосудните институции и на јакнење на владеењето на правото во Република Северна Македонија.
-Ова позитивно мислење претставува важна потврда на нашата европска определба, на транспарентниот и инклузивен пристап што го применуваме во процесот на реформирање на правосудството и на заложбата за градење правен систем кој ги одразува највисоките стандарди на демократија, правда и интегритет, нагласуваат од Министерството за правда.
Двата закона се дел од Реформската агенда на Планот за раст на Европската унија за Западен Балкан со рок до декември 2025 година.
Ново на Сител
-
Мицкоски: Обединувањето на општеството, борба против криминалот и правда за сите
-
Филипче на средба со Сојузот на борците по повод 11 Октомври
-
Доделена наградата „11 Октомври“ за животно дело
-
Нов директор на неврологија во понеделник - Лекарската комора ќе го разгледува случајот со д-р Кузмановски
-
Од куќен, сопственикот на „Марковски компани“ оди во ефективен притвор
-
„Плусинфо“: Сомнеж за ексфункционери на СДСМ вмешани во привилегиите на дискотеката Пулс
-
Предизборни активности на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ
-
Ветувања за подобар живот во општините добија граѓаните од кандидатите