МНР негира дека се подготвуваат нови обврски со Бугарија, опозицијата бара појаснување
Министерството за надворешни работи вчера ги отфрли сите наводи дека се подготвуваат нови обврски со Бугарија, надвор од потпишаниот Протокол меѓу двете држави, откако во понеделникот бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков рече дека непосредна задача на бугарското МНР во однос на билатералниот дијалог со Северна Македонија ќе биде усвојување писмен документ, што ќе ги дефинира задачите на институциите во Бугарија со конкретно утврдени обврски.
– МНР, во врска со појавени шпекулации во јавноста за нови взаемни документи меѓу Северна Македонија и Бугарија, информира дека со внимание го следи процесот на формирање на бугарска Службена влада и развојот на внатрешните и надворешните политики, при што, наведува, дека охрабрува значајниот фокус што се придава на нашите билатерални односи како важен елемент и на новата Влада, наведе Министерството.
Оттаму додадоа дека сите појавени информации за внатрешната поставеност, за начинот на организација, акциските планови и приоритетите на новата Влада се внатрешна работа на Бугарија, и тие не претставуваат резултат од меѓусебните разговори.
– Оттука сакаме да ги отфрлиме сите наводи дека се подготвуваат нови обврски за двете држави надвор од договорените принципи во меѓусебниот Протокол кои значат: прво реципроцитет во рамките на преземените обврски; како и автономија на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, стои во соопштението на МНР.
На изјавата на Милков реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ и ја повика Владата да одговори што содржат новите документи од Бугарија. – Ковачевски, Османи и Маричиќ треба веднаш да одговорат што содржат овие нови документи, кои се новите барања и услови? Додека се обидуваа да ја убедат македонската јавност дека со Протоколот се затвораат сите услови и барање од страна на Бугарија, за нецел месец, повторно добиваме нови услови и нови барања за исполнување, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков рече дека „откако Заев потпиша штетен договор со Бугарија во 2017 година, откако Ковачевски потпиша понижувачки Протокол во 2022 година, сега од Бугарија доаѓаат најави за нов пишан документ кој се подготвува на сметка на Македонија“.
– Имено, министерот за надворешни работи во службената влада на Бугарија, Николај Милков најави дека ќе има нов писмен документ кој ќе ги дефинира задачите на различните институции во односите со Македонија. Ова значи дека написмено ќе се уредат сите тие како што ќе кажат „обврски“ за Македонија и тие обврски ќе се однесуваат за македонските институции, оцени тој.
Според него, ова е погазување на „суверенитетот на Македонија и оти „немањето стратегија на владата на СДСМ и Ковачевски остава простор Бугарија да диктира како што ќе кажат „систематски пристап“ со „јасно запишани задачи и одговорности, за да може да се очекуваат и резултати“.
Владејачката СДСМ, пак, реагираше дека „ВМРО-ДПМНЕ шири невистини и лаги за некакви нови договори, за некакви нови услови со кои се обидува да ја вознемирува јавноста“.
– За само пет години СДСМ успеа да ги реализира двете најголеми стратешки цели на државата. По 17 години кандидатски статус конечно и сосема заслужено, ги започнавме преговорите за членство во Европската унија. Сето ова го постигнавме со зачуван македонски јазик со чиста формулација, со заштитен македонски идентитет признат од целиот свет. Во ЕУ влегуваме како Македонци кои зборуваат македонски јазик и тоа веќе се гледа и преку првата меѓувладина конференција и преку процесот на скриниг, рече пратеникот од СДСМ Дарко Каевски.
Тој рече дека јасно се гледа дека пропаднале сите лаги на ВМРО-ДПМНЕ за наводно загрозување на македонскиот јазик и идентитет и оти нема никаква асимилација и бугаризација, со кои, како што посочи, ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски ја плашеа јавноста.
Според него, не е првпат ВМРО-ДПМНЕ да лаже кога станува збор за државните и националните интереси.
Бугарскиот министер Милков во понеделникот рече дека задача на бугарското МНР во однос на билатералниот дијалог со Северна Македонија ќе биде усвојување писмен документ, што ќе ги дефинира задачите на институциите во Бугарија со конкретно утврдени обврски.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Милков нагласи дека неговата заменичка Велислава Петрова, која беше заменик и на неговата претходничка Теодора Генчовска, ќе продолжи да биде одговорна за билатералниот дијалог меѓу Бугарија и Северна Македонија, истакнувајќи дека таа направила многу за односите на Софија со Скопје.
– Треба да можеме да го консолидираме напредокот што беше постигнат во билатералните односи со Република Северна Македонија. Претстои многу конкретна работа, изјави Милков.
Протоколот меѓу Северна Македонија и Бугарија беше потпишан во Софија на 17 јули, а два дена подоцна се одржа првата меѓувладина конференција со ЕУ, со што е означен почеток на скрининг процесот. За одржување на втората меѓувладина конференција и отворањето на поглавјата се неопходни уставни измени.
Билатералниот скрининг за усогласување на нашето законодавство со европското официјално ќе почне во септември и според вицепремиерот Бојан Маричиќ ќе трае 16 месеци, односно до ноември 2023 година
Ново на Сител
-
МВР набави нова машина за печатење лични документи која тројно ќе го зголеми капацитетот
-
Мицкоски: Очекувам добар резултат од преговорите со банките за унгарскиот кредит наменет за компаниите
-
Мицкоски: Потенцијална инвестиција од една милијарда евра во когенеративна гасна постројка
-
Продолжување на судењето на Урош Блажиќ за масовното убиство во Дубона и Малo Орашје
-
Кривична за помошник министер во Центарот за обука - Оштетен буџетот на МВР за 189.777 денари
-
Љутков: Работни групи работат на случајот со Универзалната сала
-
Посебен режим на сообраќај во Скопје
-
Британски суд осуди албански државјанин, кој извршил грабеж и во вилата на фудбалската ѕвезда, Рахим Стерлинг