Македонија
24. July 2018 - 12:42

МКЦ во европски проект за културно одбележување на Првата светска војна

Младинскиот културен центар-Скопје од неодамна е дел од големиот европски мултидисциплиниран проект за културно одбележување на Првата светска војна - Con-Front, поддржан од програмата на ЕУ „Креативна Европа“ во рамки на Европската година на културно наследство 2018. 

Партнерството ќе истражува нови модели на комеморација, прибирајќи специфични стручни наоди, истовремено и од областа на современата музика и од наследството, соочувајќи го минатото со сегашноста.

- Целта на Con-Front е да ја покрене свеста за заедничкото европско наследство од Првата светска војна преку уникатна меѓународна соработка помеѓу концертни простори и партнери од областа на наследството. Партнерството поаѓа од Белгија, кон Франција и Словенија, до Република Македонија, поврзувајќи голем дел од различните континентални воени фронтови, информира Младинскиот културен центар. 

Покрај МКЦ, оганизациски партнери се: Ле Гранд микс од Франција, 4АД од Белгија и Walk Of Peace Foundation од Словенија. 

Проектната реализација на концептот е врзана со отворен повик за локални музичари и визуелни уметници на возраст од 18 до 30 години, полупрофесионалци или професионалци, со напредно ниво на англиски јазик, отворени за работа според мултидисциплинарни и импровизациски методи, достапни за патување во периодот од октомври 2018 – октомври 2019 година во одредени периоди (месечни резиденцијални престои во Белгија, Франција, Словенија) како и турнеја низ партнерските земји.

- За возврат, учесниците ќе добијат поволен надомест за делото и настапите во живо, покриени трошоци за патување, храна и сместување, како и можност за учество во проект со широк меѓународен опсег, наведува МКЦ. 

Повеќе детали за отворениот повик и проектот се објавени на веб-страницата на МКЦ.  Рокот за пријавување е до 1 септември 2018 година.