Македонија
15. October 2025 - 8:32

Мисајловски учествува на состанокот на министрите за одбрана на НАТО во Брисел

Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска во седиштето на НАТО во Брисел ќе учествува на средба со неговите колеги од земјите членки на Алијансата. 

Средбата ќе започне со заседание на Северноатлантскиот совет (НАЦ) на ниво на министри за одбрана, со кое ќе претседава генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. 

Предвидено е на состанокот да се разговара за имплементацијата на обврските што сојузниците ги договорија на Самитот на НАТО во Хаг во јуни годинава, како и за зајакнување на подготвеноста на Алијансата за справување со безбедносните предизвици, особено по зачестените прекршувања на воздушниот простор на членки на Пактот и загрозувањето на критичната инфраструктура. 

По состанокот на НАЦ ќе се одржи и неформално заседание на Советот НАТО-Украина во форма на работен ручек, на кое ќе се расправа за поддршката на Алијансата за Киев во справување со руската агресија и обезбедување на праведен и траен мир.  

По ручекот ќе следи церемонија на потпишување на Меморандумот за разбирање за дистрибуирана синтетичка обука на НАТО, на која обраќање ќе има заменичката генерална секретарка на Алијансата, Радмила Шекеринска. Станува збор за метод на обука во реалистична меѓусебно поврзана виртуелна средина со учесници во живо, компјутерски генерирани сили и далечински виртуелни тренери. 

Покрај на министерскиот состанок на НАТО, Мисајловски ќе учествува и на средбата на Контакт групата за Украина, со која ќе претседаваат министрите за одбрана на Велика Британија и Германија, Џон Хејли и Борис Писториус. 

Заседанието на Контакт групата, што ќе се одржи попладнево по завршувањето на министерскиот состанок на НАТО, ќе биде посветено на континуираната поддршка за Киев, пред се во контекст на најновата иницијатива Листа на приоритетни потреби на Украина.

МИА