Македонија
28. September 2015 - 8:31

Министерот Јолевски во посета на САД

Министерот за одбрана Зоран Јолевски, началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-потполковник Методија Величковски и делегација од Министерството и од Армијата од утре ќе престојуваат во неколкудневна посета на Соединетите Американски Држави.

Во рамки на посетата, министерот Јолевски ќе учествува на Самитот посветен на мировните операции, што се одржува на маргините на Генералното собрание на ООН во Њујорк. Ќе оствари средби со повеќемина претставници на Американскиот Конгрес на кои ќе се презентираат аргументите зошто Република Македонија заслужува да биде дел од НАТО, а ќе се разговара и за реформите во одбраната и македонско-американските билатерални одбранбени односи.

Како што информира Министерството за одбрана, во рамки на посетата генералот Величковски ќе оствари средба и со генералот Пол Селва, заменик-претседавач на здружените сили на САД, односно вториот највисоко рангиран офицер во американските вооружени сили.

Министерот Јолевски и генералот Величковски ќе ја посетат и Националната гарда на Вермонт, која е партнер на Армијата на Република Македонија.

Делегации од Министерството за одбрана на Република Македонија и Департманот за одбрана на САД, предводени од министерот Јолевски и од заменик-помошникот на Секретарот за одбрана за Русија, Украина и Евроазија, Евелин Фаркас ќе учествуваат и на годишните Билатерални одбранбени консултации помеѓу Македонија и САД.