Македонија ќе одвои 5% од БДП за одбраната, експертите: Одлуката е неопходна, а парите ќе се вратат во економијата
Македонија ќе ја почитува одлуката донесена на НАТО самитот и ќе го зголеми буџетот за одбраната на 5% од БДП, потврдуваат од министерството за одбрана. Но тоа нема да се случи наеднаш, туку како што е рокот во наредните 10 години.3,5 проценти ќе одат за одбранбените буџети и 1,5 проценти за проекти и активности во поддршка на одбраната, вклучувајќи ја и цивилната заштита.
-Нашата земја, како доверлив сојузник во НАТО, исто како што ја почитуваше претходната одлука за издвојување на 2 проценти од БДП за одбрана, што е видливо и преку овогодинешниот одбранбен буџет кој изнесува 329 милиони евра (односно 2 проценти од БДП), така ќе ја почитува и одлуката од Самитот во Хаг.
-Зголемувањето на одбранбениот буџет ќе даде голем импулс во еден од приоритетните процеси во Армијата – модернизацијата и опремувањето, а со инвестирање во активности во поддршка на одбраната позитивен импулс ќе има и македонската економија.
Но колку Македонија ќе може да го издржи овој товар на буџетот? Дали Македонија реално има капацитет да ги следи овие барања, особено ако се има предвид дека земјава не се соочува со директна воена закана? Колку е рационален чекор за една мала земја без војна, со слаба економија и силна потреба од инвестиции во здравство, образование и инфраструктура?
Според поранешниот министер за одбрана Зоран Јолевски, издвојувањето на 5% за одбраната е очекувана одлука со оглед на промените во геополитичката состојба. Овие пари кои ќе бидат издвоени од буџетот секако ќе бидат вратени, во економијата, преку сајбер безбедноста во која ќе се инвестира, изградбата на патиштата но и модернизацијата на армијата- работи кои и онака треба да бидат направени во земјава.
Но некои земји членки на НАТО како Шпанија, Словачка и Белгија сакаат изземање од оваа одлука, сои образложение дека имаат други приоритети во претстојните години, а не вооружување.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар