Македонија
30. May 2025 - 8:46

Миланов назначен за делегат на состанокот на Генералното Собрание на WOAH

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство д-р Оливер Миланов, со делегација предводена од Агенцијата за храна и ветеринарство, беше назначен за делегат на Генерално собрание на Светската организација за здравствена заштита на животните (WOAH) и претставник на Република Македонија во Светската здравствена организација за заштита на животните. Миланов со делегацијата во периодот од 25 до 29 мај 2025 учествуваа на 92-то Генерално собрание на Светската организација за здравствена заштита на животните (WOAH) во Париз, Франција.

„Да се биде препознат како дел од успешната група на лидери за здравствена заштита на животните е исклучителна привилегија, но и одговорност“ – изјави Миланов.

За време на овој важен институционален настан, Светското собрание на делегати усвои административни и технички резолуции и спроведе избори за пополнување на слободните места во некои од управните тела на WOAH.
Главен фокус на овогодинешното Генерално собрание беа вакцините и вакцинацијата кај животните. Дел од сесиите беа посветени на иновативиот форум за здравје на животните за вакцини и вакцинација кај истите. Овој форум обезбеди платформа за дијалог меѓу делегатите на WOAH, експертите за оваа област, граѓанското општество и приватниот сектор за предизвиците што го попречуваат развојот на вакцините и нивната употреба во стратегиите за контрола на болести. За време на форумот, учесниците ги идентификуваа акционите стратегии за интегрирање на вакцинацијата во националните програми за контрола на болести, со цел да се обезбеди безбедна меѓународна трговија со животни и нивни производи.

На Генерално собрание учествуваат делегати од 183 земји членки на WOAH, претставници од релевантни меѓународни организации, од земји набљудувачи, клучните чинители на Светската организација за здравствена заштита на животните и специјални гости на WOAH. На Собранието беше претставен Извештајот на генералниот директор за активностите на WOAH за 2024 година за 7-миот Стратешки план и ажурирање за развојот на 8-миот Стратешки план.

На маргините на Генералното собрание беа одржани повеќе билатерални средби со претставници – делагати и делегации со цел олеснување на меѓународната трговија со животни и нивни производи. Од страна на  WOAH беа потврдени позитивните резултати на Агенцијата за храна и ветеринарство во однос на пријавувањето на болестите, успешното интергрирање на WAHIS системот со ADIS системот на Европската Унија и заложбите на Република Македонија за добивање на статус на земја слободна од одредени болести, како што е класичната чума кај животните со цел извоз на свинско месо во Европската Унија и во светот, како и промена на статусот на земја со недетерминиран статус на спонгиоформни енцефалопатии.

На 92-то Генерално собрание на WOAH му претходеа состаноци организирани во рамки на петте регионални претставништва на оваа организација на кои се донесоа одлуки за стратегиските прашања и за кадровските решенија во однос на позициите во самите регионални претставништва кои беа презентирани и усвоени на самото Генерално собрание.