Македонија
10. October 2025 - 19:04

Мицкоски: Трилингот СДС-ДУИ-Левица се обидува да ја врати Македонија назад, ВМРО-ДПМНЕ се што ветува реализира

Ова се избори каде има две опции, едната полуформална коалиција којашто обединува три политички субјекти, собрани на едно место и водени од две клучни цели. Првата цел е жедта за власт по било која цена и втората е патолошката омраза којашто ја имаат кон ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е коалицијата СДС-ДУИ и Левица. Таму се здружиле Венко, Али и Димче, затоа што се жедни за власт и не бирааат начин како да дојдат до власт. Втората опција е коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот народен митинг одржан во Валандово, во рамки на изборната кампања 2025 година, за претстојните локални избори, чиј слоган е „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! Твојата иднина!“.

Првата, додаде, е опција која имаше можност да покаже и да докаже како се грижат за својот дом, нашиот заеднички дом, нашата Македонија до пред само 15 месеци. Тие беа 7 години Влада и можеа да се докажат со работа со дела со проекти кај граѓаните колку тие вистински се грижат за нашиот заеднички дом. Но, таа шанса ја испуштија затоа што 7 години имавме грабеж, 7 години имавме пљачка на македонскиот народ, и она коешто најмногу боли, а тоа се оние национални предавства кои ги направија и на народот и државата. 

Мицкоски истакна дека трилингот СДС, ДУИ и Левица се обидува да ја врати државата назад, а ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се што ветува во кампања, реализира.

-Овој трилинг кој се обидува да ја врати Македонија наназад пред година ипол тоа што се случуваше е едната опција и другата опција е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Изминатите 15 месеци решаваме проблеми кои се наталожени со децении. Ветивме зголемување на пензиите и тоа го испорачавме. Втората работа која ја ветивме на претседателските и парламентарните избори беше дека нема да правиме коалиција со ДУИ и дека Али Ахмети после 20 години ќе биде во опозиција и тоа го испорачавме. Денес ДУИ е во опозиција. Третата крупна работа што ја ветивме, е дека секоја година од централниот Буџет ќе издвојуваме по 250 милиони евра за проекти, за финансирање на капитални инвестиции во општините, кои се за потребите на граѓаните, тоа и го реализиравме. Ние инвестираме насекаде во државата, нагласи Мицкоски.

Мицкоски ги повика граѓаните да гласаат за број 9 на 19 октомври за развој и напредок на државата.

-На 19 октомври да излезете масовно и да го направите вистинскиот избор да го заокружете бројот 9, за да се реализираат проекти, за доброто на Валандово, за твојот човек, за твоето место за вашата иднина“ кажа Мицкоски.

МИА