Мицкоски: Реформите во правосудството се сведуваат за пари, а и сега издвојуваме повеќе од просекот на земјите во Европа

Државата нема толку пари колку што бараат судиите и јавните обвинители. Тоа што ќе го обезбедиме и што планираме да го дадеме, ќе биде сосема доволно за да имаат пристојни плати, што ќе бидат многу пати поголеми од просекот во земјите во Европа, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието.
Уште еднаш појасни дека во законот стои 0,8 отсто од бруто домашниот производ за судовите и 0,5 отсто за обвинителите. Тоа, според него, е 1,3 отсто од бруто домашниот производ.
- И сега кога би имале ние, а мислам дека веќе следната година ќе дојдеме некаде околу 20,5 - 20,6 милјарди долари Бруто домашен производ, тоа значи дека 260 - 270 милиони долари ќе треба да се обезбедуваат пари за судовите и за обвинителствата или некаде 3-4 пати повеќе од сега, истакна Мицкоски.
Тој образложувајќи ги трошоците и во останатите сектори и долговите од минатото, смета дека буџетот ќе треба да биде од прилика 8-9 милијарди евра, расходната страна, односно буџетскиот дефицит треба да биде меѓу 8 и 10 проценти од БДП. Тоа, нагласи, е невозможно, бидејќи, како што подвлече, кога се говори за реформи треба да се зборува за суштина, а не за пари. Забележа дека дел од судиите и јавните обвинители, откако оваа теза не поминала, се насочиле на барањата дека немаат основни средства за работа, компјутери, дактилографки, асистентки..., и оти не требало да чекаат од Владата согласност за вработување. Премиерот рече дека тоа е сосема во ред и оти ќе им дадат автономен буџет, сами да управуваат од средствата за хигиена до плати, кого сакаат да вработуваат и ангажираат.
- Ние немаме никаков проблем тоа да го прифатиме и ќе го прифатиме. Што сакаат нека прават тие неколкумина кои ја донесуваат до таа мерка правдата во Македонија и работата на судовите и обвинителството, што денеска нема граѓанин во држава кој верува дека има правда. Мене ми е жал што ние мораме ова јавно да го зборуваме, но мора да го зборуваме затоа што чувството кај граѓаните е такво. И не прифаќам дебата од одредени центри кои велат не е добро да се зборува така за институциите како што се судовите и обвинителството, па тие се тие кои што тоа го направија, рече Мицкоски.
Од друга страна, додаде, доколку прифатат вкупен буџет за судови и обвинителство, 1,3 отсто, плус бесплатната правна помош, ќе дојдат до 1,4-1,5 отсто од бруто домашниот производ, тогаш земјата би била рекордер во светот, со 2,5 пати повеќе од државата што одвојува најмногу.
- Ние одвојуваме 0,44, односно 0,45 отсто, според Извештајот изработен од Советот на Европа, кој опфаќа параметри од 2022 година, објавен 24-та година, 0,39 отсто. Но, тоа е повеќе од просекот во земјите кои што ги опфаќа Советот на Европа и 75 проценти повеќе од земјите членки на Европската унија. Ова е факт, јас не сум го направил тој извештај, рече Мицкоски.
Нагласи дека доколку се создадат услови и дозволи буџетското консолидирање, нема проблем да им дадат и повисоки плати, по цена граѓаните да се чувствуваат дека има правда во државава и оти некој навистина се бори за правда.
Но, според него, парите не се проблемот, и се наврати на случајот со Специјалното јавно обвинителство, каде обвинители добивале плата 10 пати поголема од тогашниот просек, и на крај СЈО заврши спакувано во чанта од брендот Луи Витон со неколку милиони внатре.
- Овие што требаше да бидат грации на правдата, борци за правдата, живот што ќе носеа и така натаму, сето тоа го спакуваа со неколку милиони евра во една чанта од брендот Луи Витон. Така што не било до парите. Не било до парите, туку до нешто друго било, истакна Мицкоски.
МИА
Ново на Сител
-

Шведска со порака: Уставните измени мора да се спроведат
-

Ден на даночните работници
-

АДКОМ и РКЕ со иницијатива за нов тарифен модел за водните услуги
-

Да не дозволиме попреченоста да го дефинира човекот како личност
-

Преглед на вестите од светот
-

Mицкоски: Градинките и училиштата ни се приоритет, наместо платите на судиите и обвинителите
-

Teма на денот со Лилјана Поповска, поранешна пратеничка
-

Пет ученици се хоспитализирани од О.У „Димо Хаџи Димов”, причината за симптомите ќе се знае утре
