Мицкоски: Имаше обид за инженеринг за вистината за Делчев
Обид за инженеринг за вистината за Делчeв. Премиерот Мицкоски со силна порака дека идните генерациии ќе ја слушаат само вистинската вистина за Гоце Делчев и дека жали што некои пробале да ја искриват колективната меморија на македонскиот народ за овој великан.
„Кога велам да го чува и да го негува да ја пренесува вистината, онаа вистина каква што вистински се случувала, а невистината којашто за жал некој се обидуваат да ја искриват и во колективната меморија на македонскиот народ. Во минатото имаше обид за инженеринг за таа вистина да биде поинаква. За среќа тоа е веќе минато, а наша обврска е вистинската вистина да ја пренесеме на идните генерации за овој голем македонски титан Гоце Делчев“, Христијан Мицкоски, премиер.
„Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“. Најпознатата мисла на Делчев, денеска ја повтори опозицискиот лидер Филипче, кој порача да се работи токму во оваа насока, а не младите да го сфаќаат светот како поле за карта во еден правец.
„Ако Гоце Делчев кажал дека сме поделени како нација – ние тоа го сведочиме и денес, повеќе од еден век подоцна. Ако кажал дека треба сето да се разбере како поле за културен натпревар на народите, треба да работиме во таа насока – а не младите да го сфаќаат светот како поле за карта во еден правец. Ако кажал дека Македонија е полето каде што ние треба да делуваме, треба сите заедно да сфатиме дека само заеднички можеме да направиме тоа – да ја унапредуваме и надградуваме Македонија, и со човечки капацитет и со вредности“, Венко Филипче.
Со највисоки почести денеска беше оддадена почит на македонскиот великан во црквата Св.Спас, каде почиваат неговите останки. Претседателката, премиерот, владина делегација, претставници на политички партии, претставници на дипломатскиот кор и функционери се поклонија на гробот на Делчев и положија свежо цвеќе.
Одбележувањето на 122-годишнината од неговата смрт, започна со Панихида, отслужена од страна на Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан, во сослужение со свештениците од Скопската епархија.
Одбележувањето помина мирно и достоинствено, под силно полициско обезбедување. Немаше претставници на бугарска делегација.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар