Македонија
9. May 2021 - 16:03

Мицкоски: Бараме датум и преговори со ЕУ веднаш, без условување

 Датум и преговори веднаш, без условувања и чепкање во националниот идентитет, побара претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Кристијан Мицкоски на средбата со прилепчани на Могилата на непобедените и Паркот на револуцијата во Прилеп.

Мицкоски побара од членките на Енијата тоа да се случи уште на јунскиот европски самит, а паралелно да течат разговорите со источниот сосед.

-На денот на Европа, бараме Европа да го испорача тоа што го вети. Тоа е: датум и преговори веднаш и сега, без дополнителни услови, без дополнителни барања од овој мал народ во срцето на Балканот, кој има чесни луѓе и заслужува да го почне патот кон полноправно членство во Европската Унија. Доста е со политичари лажливци, криминалци. Овој народ заслужува Македонија да седне со сите држави кои се дел од европското семејство, овој народ заслужува да ги споделува европските вредности. Престанете со дополнителни услови. Преговори сега и веднаш, а паралелно со преговорите, нека течат разговорите со источниот сосед. Тоа е формулата за успех и тоа треба да се случи уште на самитот на крајот на јуни. Тоа е едногласна порака од која нема да отстапиме. ВМРО-ДПМНЕ и македонскиот народ не се подготвени да отстапат ниту една национална концесија. Сакаме да споделуваме европски вредности во сите сфери, но престанете да чепкате во националната супстанца на овој народ, изјави Мицкоски.

Обраќајќи им се на граѓаните во Паркот на револуцијата во Прилеп, Мицкоски рече дека Македонија денес го живее најтешкото време со лошо образование, испуштени од работа, со задоцнето вакцинирање на населението.

-Образованието е уништено, борбата за образование без учебници е борба за милиони евра во џебовите на овие од власта. Борбата за нов клинички центар не е борба за здравјето на граѓаните, туку да потрошат над пола милијарда евра, скапо заработени пари на граѓаните,  водејќи се од студија скромно напишана од 35 страни. Кога цел свет се бореше да обезбеди вакцини, нашата влада, нашиот министер, премиер  се бореа што повеќе провизии да стават во сопствените џебови. Народот се бори за парче леб 60 000 наши сограѓани останаа без работа, бизнисот трпи несогледливи последици. На народот му треба надеж и визија. Домаќинско работење, наспроти недомаќинското и расипничко трошење, рече Мицкоски.

Според лидерот на опозициската партија, ова се решавачки мигови за нашата земја. Треба да се отфрлат стегите на бизнисот, а на народот да му се дадат визија и надеж.

-Каде ќе се одлучиме да загазиме подлабоко во мочуриштето или ќе направиме исчекор за оставање на калта зад нас. Ова е ново, но и поискусно ВМРО-ДПМНЕ. Мора да се стави забрана за занимавање со политика на политичари за кои било докажано дека погрешиле со криминал, или се амнестирани поради криминал. Мора да се бориме силно против корумпирањето на секоја слободна педа. Мора да се забрза европскиот пат преку разумна политика која ќе носи резултати, да му се објасни на народот што можеме, до каде ќе одиме и што ќе направиме. Мора да се врати достоинството на човекот во здравството, мора да се реорганизира државата на домаќински принципи. Доста беше живеење на бизнисот во стеги, закани, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Кристијан Мицкоски при денешната средба со граѓаните во Паркот на Револуцијата во Прилеп.