Свет
14. March 2022 - 12:19

Мелниченко: Војната во Украина мора да запре, ќе има глобален недостиг на храна

 Војната во Украина е трагедија што мора да се запре, во спротивно, ќе настане глобална криза за храна, бидејќи цените на ѓубривата се веќе превисоки за многу земјоделци, изјави рускиот крал на јаглен и ѓубрива Андреј Мелниченко.

Неколкумина богати, руски бизнисмени веќе јавно повикаа на мир, откако рускиот претседател Владимир Путин нареди инвазија на 24 февруари, вклучувајќи ги и Мајкл Фридман, Пјотр Авен и Олег Дерипаска.

Во обид да го натера Путин да ја запре инвазијата, Западот го замрзна рускиот државен имот, отсече најголем дел од рускиот корпоративен сектор од глобалната економија и санкционираше руски бизнисмени, меѓу кои се и санкции од Европската унија за Мелниченко .

– Случувањата во Украина навистина се трагични. Итно ни е потребен мир, изјави за Ројтерс, 50-годишниот Мелниченко, Русин роден во Белорусија, чија мајка е Украинка, пренесува Хина.

Неговата изјава, електронски е испратена од страна на неговиот портпарол. „Како Русин по националност, Белорусин според раѓање, Украинец по крв, чувствувам голема болка и неверување, сведочејќи како братскиот народ се бори и умира“, пишува во изјавата.

– Една од жртвите на оваа криза ќе биде земјоделството и храната, тврди Мелниченко, основач на Уралхем, најголемиот руски производител на амониум нитрат, со седиште во Цуг, Швајцарија, и СУЕК, најголемиот руски производител на јаглен. – Тоа веќе доведе до скок на цените на ѓубривата, па веќе не се достапни за земјоделците“ истакна Мелниченко.

Според него, синџирот на снабдување, што Ковид-19 веќе го наруши, сега е уште повеќе погоден.

„Тоа сега ќе предизвика уште поголема инфлација на храна во Европа и веројатно, ќе има недостиг на храна во најсиромашните земји во светот“, појасни тој.

Минатата недела, лоша прогноза даде и Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации. Според организацијата, доколку дојде до големи намалувања во извозот на жито од Украина и од Русија и цените пораснат, бројот на неухранети луѓе ширум светот ќе порасне за осум милиони и до 2023 година ќе изнесува 13 милиони, во случај конфликтот во Украина да потрае со месеци.