Македонија
22. March 2024 - 16:55

Матичните лекари згрозени од бруталното убиство на колегата - во понеделник нема да работат од 12 до 16 часот

Згрозени, револтирани и загрижени се матичните лекари од бруталното убиство на нивниот колега. Во понеделник ординациите на матичните нема да работат од 12 до 16 часот. Во тој период нема да вршат прегледи на пациенти, ниту ќе препишуваат терапија и издававаат упати. Ваква одклука донесе Управниот одбор на Здружението на приватни лекари чиј долгогодишен член бил и вчера убиениот матичен доктор Ацо Трповски. 

- Можам да кажам дека сум видно потресена, навистина ми е жал, можам да кажам дека се работи за долгогодишен наш член во здружението и секогаш бил лојален кон нашите ставови. Се работи за домаќин човек, фамилијарно посветен, максимално професионален доктор кој до последен ден лекуваше луѓе, изјави д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на ЗПЛРМ.

Лекарската комора остро го осудува убиството на докторот и бараат надлежните органи итно да го расветлат случајот. 

- Истакнуваме дека никаков вид на насилство во општеството не смее да се толерира, бидејќи насилството не е соодветен начин на кој се решаваат проблемите. Истакнуваме јавно барање надлежните институции итно да постапат за овој случај и да ги преземат сите неопходни мерки за да ги утврдат околностите во кои се случил настанот и соодветно на тоа да го пронајдат сторителот и да го санкционираат. Загубата на човечки живот секогаш е тешка, но трагедијата е многу поголема кога тоа е направано на насилен начин. Загубата на доктор е и загуба за целиот здравствен систем, се вели во реакцијата на Комората во која изразуваат сочувство до семејството и блиските.

Нападнат лекар во Итна помош...доктор од Токсикологија...Нападната докторка во 8 -ми септпември. Овие наслови станаа многу чести во медиумите последните години. 

Јавоста се уште ги памети случаите за убиството на директорката на Заводот за физикална медицина во Козле во мај 2010 година. Нејзин колега доктор со 17 убоди од нож ја усмрти Лилјана Угриновска во нејзината канцеларија. 

5 години подоцна, утрото на 9 ноември син на почината пациентка пукаше во дигестивниот хирург Љубомир Огњеновиќ на работното место на хируршките клиники. 

А на Божиќ годинава болничар беше нападнат со нож од пациент додека делел терапија во собата.

Во 2024-та во Лекарската комора пријавени се 3 случаи за напад на доктори.

Лекар од Радовиш бил физички нападнат, а две докторки од Скопје пријавиле вербално насилство.

Овие напади доминираат и во анкетата спроведена од Комората, дури 80 проценти од лекарите пријавиле вербалнен, а скоро 7 отсто физички напад.

Загрижува што голем дел, дури 70 проценти од лекарите не ги пријавиле нападите иако истите се драстично зголемени последните година.

Причината за непријавување според нив била недоверба во институциите и страв од повторување.

Инаку од Февруари лани, докторите добија статус на службени лица. Нападот врз здравствен работник додека извршува работни задачи се казнува со повеќегодишна затворска казна.