Македонија
29. April 2024 - 12:19

Студентите на Штипскиот универзитет се едуцираат како да стартуваат сопствен бизнис

Студентите од штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ се едуцираат како во иднина да отворат старт ап компании и да стартуваат сопствен бизнис. Идниот економски раст треба да се базира на микро и малите претпријатија кои ќе понудат нови иновативни идеи.

-Нудиме бесплатна помош на нашите Старт ап компании, особено од Источниот регион на Македонија и истовремено работиме на едукативната компонента, односно, ги подучуваме и поттикнуваме младите да започнат свој бизнис и да влезат во светот на претприемништвото, изјави Сашо Коцевски, декан на фалутетот по информатика- УГД-Штип

Професорот Рене Цајер од факултетот во Луцерн, Швајцарија, кои втора година по ред соработуваат на тема претприемништво со македонските колеги, посочи дека за основање на успешна старт ап компанија, потребен е добар тим, идеја, визија и јасен план.

-Потребна ви е и малку „магија“ и ако сетоа ова се поклопи, ќе почувствувате од пазарот дали ќе можете да продолжите понатаму или да се адаптирате, изјави Рене Цајер, Луцерн, Швајцарија

Образованието е носител на промените, смета градоначалникот на Штип Иван Јорданов и се надева дека преку воспоставената соработка ќе се трасира патот на младите лица кои ќе генерираат развој.

-Тоа е пример во кој правец треба да се движиме како град кој што е универзитетски центар и кој што дефинитвно има потенцијал да се развива, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип

Стекнатите знаења и искуства ќе бидат своевиден патоказ за идните претприемачи да отворат сопствен бизнис, но и да креираат нови работни места.