Македонија
13. May 2021 - 19:41

МАНУ откри нигериски сој кај потполковникот од АРМ

Македонскиот офицер не е заразен со јужноафриканската мутација на Ковид-19 туку со нигериски сој на вирусот, покажаа испитувањата во МАНУ. 

- Иако има сличности меѓу двата соеви, не станува збор за ист сој. Нигерискиот сој исто така е чест во афричките земји, информираа од Министерството за здравство.

Од таму соопштија дека инфекцијата кај 55 годишниот потполковник била во поодмината фаза. И веќе е во процес на оздравување.

Тој вчера наутро со авион за медицинска евакуација стигна во земјава од Централноафриканската република каде бил на мисија и е хоспитализиран на Инфективна во стабилна здравствена состојба.

Степенот на претпазливост кај здравствените власти беше подигнат бидејќи јужноафриканскиот сој е многу поопасен од сите останати мутации на Ковид-19. Предизвикува потешка Клиничка слика и е отпорен на дел од вакцините.  Според научниците и нигериската варијанта на Ковид-19, освен со јужноафриканската има сличности и со британскиот и бразилскиот сој и побргу се шири, не само во Африка распространета е и во САД и во повеќе европски држави меѓу кои Словенија и Италија.

Од друга страна поради намалување на бројот на новозаразени и хоспитализирани поради компликации од вирусот од вечерва полицискиот час ќе почнува на полноќ и ќе трее до 4 наутро. 

Утре во земјава се очекува да пристигне и втората пратка на вакцини преку Ковакс, се работи за 38.400 дози од АстраЗенека кои поради одлуката на здравствените власти ќе бидат наменети за граѓаните над 60 години. 

Досега вакцина против Ковид примиле над 175.000 граѓани.